ЗНМ побара од Град Скопје да се унапреди транспарентноста и комуникацијата со новинарите

Здружнието на новинари на Македонија (ЗНМ) на нивно барање одржа средба со градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска, каде присуствувале претседателот на ЗНМ Младен Чадиковски, претставниците на ЗНМ и градоначалничката Арсовска.

На средбата се дискутирало за одржување редовни брифинзи со новинарите како начин за унапредувањето на транспарентноста на Град Скопје, при што во интерес на двете страни и јавноста, како што велат од здружението е неделно да се брифира за настани поврзани со работата на градот.

„Ставот на ЗНМ е дека многу е важно администрацијата на Градот Скопје да биде отворена и транспарентна кон новинарите бидејќи тие играат клучна улога во информирањето на јавноста. Професионалните новинари помагаат на избраните функционери да бидат транспарентни пред граѓаните преку известување за нивните активности, политики и резултати, со што се гради доверба и кредибилитет. Дополнително, со слободниот проток на информации, се овозможува придвижување кон функционална демократија“, потенцираа од Здружението на новинари на Македонија.