ЗНМ ја осудува изјавата на Заев и бара јавно извинување

Здружението на новинарите на Македонија остро ја осудува денешната изјава на Премиерот Зоран Заев, во која тој кажа дека нема да дозволи некој суетен новинар да ја симне оваа влада од власт. Ваквиот агресивен говор кон новинарите од страна на Претседателот на Владата може да поттикне насилство кон новинарите, ќе ја загрози нивната безбедност и ограничи слободата на изразувањето, сметаат од ЗНМ.

Заев: Нема да дозволам неколку криминалци, еден суетен новинар и еден пе*ер да ја симнат Владата од власт

„Го повикуваме Претседателот на Владата Зоран Заев веднаш да се извини на новинарите, а пред се на колегата Бранко Героски доколку оваа негова изјава беше упатена кон него и во иднина да се воздржи од вакво дискредитирање на новинарите.Премиерот Заев како Претседател на партијата на власт и на Владата потребно е да покаже дека умее да се справи со критиката од страна на новинарите, а со тоа да даде пример и на останатите членови на Владата, но и на македонската јавност. Наместо јавно да се пресметува со критични новинари потребно е да ги охрабри во нивните напори да откриваат евентуална злоупотреба на власт, а институциите да реагираат“, велат од ЗНМ.

Истовремено, од ЗНМ го осудија и побараа јавно извинување од премиерот поради користење непримерен говор кон припадниците на ЛГБТИ заедницата.