ЗНМ и ССНМ: Владината помош за медиумите е селективна и не ги опфаќа сите медиуми

Од Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) повикаа Владата да ја преиспита Уредбата со која на сите радиодифузери во земјата ќе им се покријат трошоците за 2020 година кон операторот на дигиталниот терестријален мултиплекс за дозволата за емитување во висина од нешто над половина милион евра.

Од ЗНМ и ССНМ објаснуваат дека со оваа одлука се ставаат во повластена улога петте национални телевизии (Канал 5, Сител, Алфа, Телма и Алсат – М), како и шест други регионални телевизии кои пренесуваат преку дигитален терестријален мултиплекс.

„Ваквата одлука на Владата ги дискриминира останатите радиодифузери кои не се опфатени со оваа мерка и се нарушува медиумскиот пазар на штета на тие медиуми. Загрижува тоа што владата не ги земала предвид регионалните и локални медиуми кои според сите податоци и кај нас, и во светот, најмногу од сите други медиуми се соочуваат со економски проблеми. Потсетуваме дека информациите од локалните заедници се од големо значење за информирање на граѓаните, особено во овој период на криза“, велат ЗНМ и ССНМ во соопштение до јавноста.

Овие новинарски здруженија ја повикуваат владата да ја преиспита одлуката и да бидат опфатени сите радиодифузери кои ги исполнуваат условите за концесија.

„Тоа значи, освен на локалните и на сите останати национални радиодифузери кои не емитуваат преку терестријален мултиплекс, а имаат големи трошоци за пренесување на сигналот, треба да бидат опфатени со оваа уредба, без притоа да се создава дискриминација кон медиумите по кој било основ“, велат од ЗНМ и ССНМ.

Од организациите посочуваат дека неодамна реагираа против избрзани решенија за финансирање на медиумите и укажаа дека доколку продолжи кризата треба да се изнајде тип на финансиска поддршка која ќе ги опфати сите медиуми, вклучувајќи ги тука и онлајн медиумите.