Владата на радиодифузерите ќе им ги плати трошоците за емитување на радиодифузерите преку терестријален мултиплекс

Владата одлучи на сите радиодифузери во земјата да им се покријат трошоците за 2020 година кон операторот на дигиталниот терестријален мултиплекс за дозволата за емитување. Одлуката, според Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА), е за да се ублажат економските последици предизвикани од коронавирусот.

Вкупната сума предвидена за оваа намена изнесува 516 илјади евра, а од Министерството информираат дека средствата ќе бидат преземени од Фондот за помош и поддршка за справување со кризата предизвикана од КОВИД-19.

„Одлуката беше донесена по направени анализи за последиците од влијанието на  КОВИД-19, врз националните, регионалните и локалните телевизии кои изминатиот период се соочија и се уште се соочуваат со потешкотии во работењето. Оваа криза предизвика сериозни финансиски импликации во нивното работење. Ако се земе во предвид дека медиумите се еден од клучните фактори во едно демократско општество, тогаш очигледна е потребата да се излезе во пресрет за надминување на овие состојби, како што беше направено и во останатите погодени сектори. Оттаму, а по спроведени анализи и разговори со сите засегнати страни за начинот на којшто е најсоодветно да се обезбеди помош, се констатираше дека доколку се намират нивните долгови настанати заради користење на дигитален терестријален мултиплекс, ќе се намалат последиците предизвикани од пандемијата“, посочуваат од МИОА.