Змиите во урбани средини се ретки и не се опасни, треба само да се заобиколат, советуваат биолозите

Змиите кои живеат во Македонија не се агресивни и бегаат од луѓето. При средба со змија се препорачува да не се напаѓа и повредува, туку да се заобиколи, велат од Македонското еколошко друштво. Од таму апелираат граѓаните во периодот од годината кога вегетацијата забрзано расте, редовно да си ги средуваат дворовите и да ја косат тревата, а кога се движат во природа да носат соодветни обувки, пренесува Мета.мк.

„Појавувањето на змии во урбаните средини е инцидентно, со затоплувањето на времето и растот на вегетацијата. Евентуалните ретки средби со овие животни, можат кај граѓаните да предизвикаат прашања поврзани со нивната безбедност и онаа на нивните миленици. МЕД ги советува граѓаните да бидат смирени, внимателни и да избегнуваат непосреден контакт со овие животни и покрај тоа што поголемиот број од змиите во Македонија не се опасни“, посочуваат од организацијата.

Фото: МЕД

Во земјава живеат 16 вида на змии, од кои единствено три се отровни. Најраспространет, а со тоа и најопасен е поскокот, кој е препознатлив по карактеристичното рокче на предниот дел од главата и ромбовидните шари кои се протегаат по грбот. Останатите два вида на отровници, шарката и степската лутица, живеат на надморска височина од над 1500 метри и тоа на определени планини.

„Во Македонија не постојат змии кои што агресивно можат да нападнат човек во одбрана на територија или гнездо. Напротив, секоја блиска средба или каснување настанува поради недоволно внимание или неносење на соодветна опрема како високи обувки во природа. Змијата секогаш се стреми да избегне средба со човек и најчесто бега или се вкочанува во место – сѐ што треба да направиме е да ја заобиколиме или да ја оставиме да продолжи по својот пат“, објаснува Драган Арсовски, доктор на биолошки науки, специјализиран за змии и други влекачи во Македонското еколошко друштво.

Во случај на каснување од змија, тој советува граѓаните да останат смирени и веднаш да побараат медицинска помош. Доколку немаат претходни здравствени проблеми и со навремено укажана медицинска помош, каснувањето поминува без посериозни компликации по здравјето.

„Апелираме до граѓаните да не ги напаѓаат и повредуваат змиите, кои што имаат исклучително големо значење во одржувањето на кревкиот баланс на екосистемот и контролата врз популациите на глодари и други видови на змии. ПотсетуДеновваме дека во Македонија не постои сервис за отстранување на овие животни, а граѓаните треба уредно и редовно да ги одржуваат своите дворни површини како превентивна мерка против засолнувањето на змии“, велат во МЕД.