Жители на виничкото село Блатец повеќе од една деценија се борат за да ја зачуваат својата река Блатешница од изградба на мала хидроцентрала. Тие велат дека животот во селото, во кое живеат над 1.200 жители зависи од водата во реката која ја користат за пиење и за наводнување на нивите. Градинарството и призводството на јагоди, пченка и компир се главните дејности кои ги одржуваат овие домаќинства и кои се директно зависни од пристапот на вода.
Жителите стравуваат дека со изградбата на мала хидроцентрала и заробувањето на водата во цевка и кај нив ќе се повторат сликите на опустошени речни корита, уништен биодиверзитет и напуштени земјоделски површини како и кај други веќе изградени енергетски објекти. Тие веќе подолг период наназад организираат стража на патот кон планината Плачковица каде треба да се гради хидроцентралата, а неодамна го блокираа и патот Виница-Берово.
„Бараме од Владата повеќе да не ја продолжува концесијата на инвеститорот. Мала хидроцентрала не треба да има и добро би било властите да ја увидат грешката и да ги послушаат барањата на луѓето, бидејќи ние зависиме од нејзината вода“, вели Блаже Анакиевски, жител на Блатец и дел од иницијативата за заштита на реката „За чист Блатец“.
Тој посочува дека грешката е направена од локалните и од државните власти при првичната проценка дека на таа река воопшто може да има мала хидроцентрала, бидејќи не било земено во предвид дека на тој потег поминува водоводната цевка за селото, а дека над местото каде што е предвидена машинската зграда има зафати на вода кои служат за наводнување во летниот период.
Анакиевски посочува дека иако цевководот е долг два километри, тој ќе зафати три до четири километри река, ќе сруши дел од патот и ќе зафати дел од крајбрежјето каде има значаен биодиверзитет. Од друга страна, пак, енергетскиот објект што е предвиден, посочува тој, нема голема моќност и нема да направи никаква разлика во производството на електрична енергија.
„Проблемот е што низ годините никој не дошол кај нас да направи анкета или пак да спроведе јавна трибина на која ќе се разговара за потребата да се прави мала хидроцентрала на нашата река. Дознавме сосема случајно, ја најдовме документацијата на инвеститорот и заклучивме дека има многу пропусти“, вели Анакиевски.
Тој вели дека иако инвеститорот нема ништо изградено на посочената локација, сепак не се откажува од дозволата, заради што месната заедница организира стражи за да не дозволи поминување на механизација. Неодамна рампата на патот им била извадена, заради што населението се собра на протести, како предупредување дека жителите не се откажуваат од намерите да ја стопираат градбата.
Концесионерот, Енерџи Лукс од Кочани, со Владата има склучено Договор за концесија за вода за изградба на мала хидроелектрична централа „Блатечка река“, во март 2012 година. Досега изградбата не е почната, а од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини велат дека се работи за застој кој не е по вина на концесионерот.
Тој минатата година побарал и добил од Владата ново продолжување на рокот за дополнителни 236 дена бидејќи било утврдено е дека концесионерот бил објективно спречен да изведува градежни активности. Анексот на Договорот за концесија, го продолжил рокот за почеток со комерцијална работа до 7 март годинава, што значи дека на концесионерот му остануваат уште неколку дена за да отпочне со работа.
„Согласно Договорот за концесија за вода, Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини има надлежност да го следи спроведувањето на проектот, односно изградбата на објектот, и врз основа на доставена релевантна документација да склучува анекси за продолжување на рокот за почеток со комерцијална работа во случаи на констатиран застој што не е по вина на концесионерот“, посочуваат од Министерството.
Сепак, од таму не посочуваат која е всушност причината за застојот, како и дали воопшто може да се отстрани, ниту пак чија е вината што постои таков застој. Од Министерството не одговорија ниту дали продолжувањето на доволата може да оди до бесконечност, се додека постои причина за застој.
Целата вест на: Meta.mk
Фото: За чист Блатец



