ЗХГ и „Културно ехо“ садеа дрвја за да го бранат Домот во Тафталиџе од можно рушење

Иницијативата Зелен хуман град (ЗХГ) и Здружението „Културно ехо“ организираа заедничка акција за садење дрвја, за кои велат дека ќе претставуваат прва линија на одбрана од можното рушење на Домот на културата и на негово место изградба на зграда и хотел.

„Домот на културата во Тафталиџе претставувал јавен простор од исклучително значење за локалната заедница во Општина Карпош. Изграден по земјотресот во 1963 година, овој бруталистички објект бил мултифункционален простор со најразлични содржини: библиотека, галерија, простор за одржување на патронати, јавни настани, проби на локални бендови и слично“, соопштуваат од Зелен хуман град.

За жал, велат тие, овој јавен простор под мистериозни околности преминува во сопственост на Социјалистичката политичка партија, а Деталниот урбанистички план за Градска четврт З06 во кој се вцртани станбена зграда и хотел е укинат со одлука на Уставниот суд на 20 јуни 2018 година.

„Во 2018 година, поранешниот градоначалник на Карпош, Богоев изјавил: ‘Стопирана е изградба на зграда и хотел во општина Карпош каде како инвеститор се јавува Социјалистичката партија на Љубисав Иванов-Ѕинго, бидејќи Обвинителството води предистражна постапка за таа локација’. Денес, иако се наоѓа во урбанизирана средина, поради запуштеноста објектот претставува закана за локалната заедница и е целосна спротивност на тоа што некогаш бил“, се вели во соопштението за акцијата.

Имајќи предвид дека брутализам како архитектонски правец е нешто што Скопје мора да го зачува, унапредува и да го промовира, велат активистите, овој објект има огромен потенцијал за Општина Карпош и Градот во целост, но пред сè за локалната заедница во населбата Тафталиџе.

„Всушност со негово враќање во првобитната функција, населбата ќе биде чекор поблиску до ‘консолидирано соседство’ што е еден од приоритетите на Зелен хуман град“, посочува иницијативата.

Во таа насока е обраната на објектот со акцијата со садење, односно, како што велат „одбрана на јавниот интерес од целосно погазување од интересите на една политичка партија“.

Во тој контекст, ги повикуваат сите институции и политички партии да постапуваат во насока на враќање на првобитната фунција на овој објект, со што јавниот интерес ќе биде приоритет.

„Советниците од ЗХГ ќе ја поддржат секоја добронамерна иницијатива во рамки на Советот на Град Скопје за враќање на домот на културата повторно на граѓаните така што ќе се залагаат оваа четврт да ја добие соодветната класа на намена во претстојниот Генерален урбанистички план за Скопје 2022-2032.  Деталниот урбанистички план кој што е вратен на сила после одлуката на Уставен суд, предвидува сосем нова градежна површина за објект за ‘здравство и социјална заштита’ која пак, не смее да се спроведува затоа што не е усогласена наменски со ГУП на Град Скопје 2012-2022. Очекувано е доколку се носи нов ДУП повторно да се врати намената од ГУП – домување. За да се спречи тоа, мора да се направи соодветна измена на ГУП. Воедно, оваа заедничка акција беше првата на Единицата за брзо садење дрвја (ЕБСД) составена од волонтери и активисти на ЗХГ“, се вели во соопштението.