Жените во Шкотска сега имаат законско право на бесплатни производи за менструација

Менструалните производи, вклучувајќи тампони и влошки се достапни бесплатно во јавните установи во Шкотска од понеделникот, кога стапи на сила првиот закон од ваков тип во светот, јавува Си-Ен-Ен.

Предлог-законот за менструални производи беше усвоен едногласно од шкотските пратеници во ноември 2020 година, што претставува значајна победа за глобалното движење против менструалната сиромаштија.

Новиот закон значи дека менструалните производи ќе бидат достапни во јавни згради, вклучувајќи училишта и универзитети низ Шкотска. Локалните власти и образовните институции ќе имаат одговорност да обезбедат производите да бидат достапни бесплатно.

Законот беше замисла на шкотската пратеничка Моника Ленон која го претстави во април 2019 година.

„Горди на она што го постигнавме во Шкотска. Ние сме први, но нема да бидеме последни“, напиша Ленон на Твитер.

Законот е еден од низата програми дизајнирани да се справат со менструалната сиромаштија во Шкотска, која има одредени пренесени овластувања од владата на Велика Британија.

Шкотска стана првата земја со целосно бесплатни менструални производи