Жените во Шкотска егзекутирани пред 300 години како вештерки ќе добијат помилување

Од наводите за проколнување на бродовите на кралот, до промена на обликот во животни и птици или танцување со ѓаволот, сатанската паника во раната модерна Шкотска значеше дека илјадници жени биле обвинети за вештерство во периодот меѓи 16-18 век, а многу и биле погубени.

Сега, три века по укинувањето на Законот за вештерство, активисти се на пат да добијат помилување и официјално извинување за околу 3.837 луѓе – од кои 84% беа жени – судени како вештерки, од кои две третини беа егзекутирани и запалени, објави Гардијан.

По двегодишна кампања на групата „Вештерки од Шкотска“, предлог-закон на член од шкотскиот парламент обезбеди поддршка од администрацијата на Никола Старџен за расчистување на имињата на обвинетите, објави Сандеј Тајмс. Овој потег следи по преседанот на Претставничкиот дом на Масачусетс во САД, кој ги прогласи жртвите на судењата на вештерки во Салем за невини во 2001 година.

Неуморната потрага по вештерки на Шкотска помеѓу 1563 година, кога беше донесен Законот за вештерство и 1736 година, кога тој конечно беше укинат, резултираше со пет „големи шкотски ловови на вештерки“ и серија судења низ целата земја.

Најраните ловови на вештерки биле одобрени од Џејмс VI од Шкотска, подоцна Џејмс Први од Англија и Ирска, кој верувал дека вештерки заговарале против неговата данска невеста со повикување на бури за да ги потопат неговите бродови. Меѓу обвинетите во 1590 година беше Гејлис Данкан – чиј лик беше прикажан во ТВ серијата „Outlander“ – и кој под мачење призна дека се сретнал со ѓаволот за да ги спречи бродовите на кралот.

Друга, Агнес Сампсон, признала дека 200 жени биле сведоци на проповедањето на ѓаволот во Северен Бервик на Ноќта на вештерките, каде било планирано уништувањето на кралот.

Други познати случаи вклучуваат Лилијас Ади, од Торибурн, Фајф, која беше обвинета за магија за да предизвика мамурлак кај соседот, додека за Исобел Јанг, погубена во замокот во Единбург во 1629 година, едно момче рекло дека се преобразило во був и ја обвиниле дека е дел од вештерско дувло.

Со вештерство како капитално злосторство, осудените обично биле задавени до смрт, а потоа запалени на клада за да не остават тело за погребување. Многу признаа
„вештерство“ под тортура, која вклучуваше лишување од сон, кршење и вадење на ноктите и боцкање на кожата со игли и жици за да се види дали обвинетиот или обвинетата крвари.

Веб-страницата „Witches of Scotland“ забележува дека знаците поврзани со вештерство – метли, котли, црни мачки и црни шилести капи – исто така се поврзуваат со „alwives“, име за жените кои варат слабо пиво за да се борат со лошиот квалитет на водата. Знакот за метла требаше да им даде до знаење на луѓето дека пивото е на продажба, во котелот да се приготвува, мачката да ги држи глувците подалеку, а преку шапката да се разликуваат на пазарот. Жените беа исфрлени од производството на пиво и беа заменети со мажи откако таа стана профитабилна индустрија.

Клер Мичел, која ја предводи кампањата „Вештерки од Шкотска“, рече дека бара помилување, извинување и национален споменик на главно женските жртви на ловот на вештерки. „По глава на жител, во периодот помеѓу 16 и 18 век, ние [Шкотска] егзекутиравме пет пати повеќе луѓе отколку на друго место во Европа, огромното мнозинство од нив жени“, рече таа за Сандеј Тајмс.

„За да го ставиме тоа во перспектива, во Салем беа обвинети 300 луѓе, а 19 лица беа егзекутирани. Апсолутно се истакнавме во наоѓањето жени за палење во Шкотска. Погубените не беа виновни, затоа треба да бидат ослободени“.