„Жена“ е збор на годината според дигиталниот речник Dictionary.com

Дигиталниот речник „Dictionary.com“ го прогласи зборот „жена“ за збор на годината 2022 како резултат на дебатата за полот во политичките и јавните дискусии во САД и пошироко.

Како што велат оттаму, на сајтот забележале впечатлив број на пребарувања за дефиниција на зборот „жена“ што оваа година се зголемил дури за 1.400 проценти.

„Оваа година, пребарувањата на зборот жена на сајтот на ‘Dictionary.com’ се зголемија повеќекратно во однос на одделни настани со висок профил“, пишува на веб-сајтот на речникот.

Веб-страницата на речникот зборот го дефинира како „Возрасна женска личност“.

Оттаму информираат дека во листата кандидати за збор на годината се нашле и емотиконите за украинското знаме, фразата „тивко напуштање“ и зборовите „Вордл“ (Wordle), „демократија“ и „инфлација“.