Зградите на ГТЦ и ЕВН ќе се спасат од барокот

Зградите на ЕВН и ГТЦ ќе се спасат од барокот, дециден е градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски откако не беа изгласани трите ДУП-ови за град Скопје од општинските советници. Со ова, вели Жерновски, ќе се спречи барокното обезличување на репрезентите на современата македонска архитектура.

Зградите на ГТЦ и ЕВН ќе се спасат од барокот

„Успеавме да ги спасиме ЕВН и ГТЦ. Објектот на ГТЦ е изграден по конкурс на југословенско ниво како првонаграден проект, добитник е на националната награда „11 октомври“ и добитник на највисоко југословенско архитектонско признание. Зградата на ЕВН е претставник на „Ѕид завеса“ – правец во архитектурата“, истакна градоначалникот на Центар.

Покрај ДУП-от за Малиот Ринг, не поминаа промените за Капиштец со делови од Старо Долно Водно, како и за Тасино Чешмиче.

Од Асоцијацијата на архитектите на Македонија ја поздравија ваквата одлука. Велат, дека никој не смее да се осуди да ги менува зградите по кои не препознава целиот свет.

„Јас се надевам дека ќе биде така. Ја поздравувам одлуката на советниците од Центар со која се дава можност да се спречи промената на ликот на зградите на ГТЦ и ЕВН. Тука е и зградата на МЕПСО, и таа не смее да се обезличи“, смета  Сања Раѓеновиќ-Јовановиќ, претседател на Асоцијацијата.

Од Асоцијацијата најавија дека ќе ги испитаат сите законски можности кои може да им помогнат во борбата за зачувување на фасадите во центарот на Скопје. Како иницијатори на акцијата „Го сакам ГТЦ“, каде илјадници граѓани го гушнаа објектот со желбата да го спасат од барокот,  деновиве ќе одлучуваат како ќе ги продолжат нивните активности.

Архитектите од ААМ беа и најгласни во барањата за спас на постоечкиот лик на објектите во Центар кои според идејните решенија треба да станат барокни за да се вклопат во проектот „Скопје 2014“.