Зелена комета ќе се појави на небото првпат по 50.000 години

Комета што беше неодамна откриена ќе се појави на ноќното небо за првпат по 50.000 години, информира НАСА, јави „Си-Ен-Ен“.

Се работи за зелена комета што научниците ја открија во март 2022 година преку камера за широко набљудување во Опсерваторијата Паломар во Сан Диего, Калифорнија. Кометата именувана „C/2022 E3 (ZTF) се очекува да се доближи најблиску до сонцето на 12 јануари годинава.

„EarthSky“ информира дека астрономите во северната хемисфера своите телескопи и двогледи треба да ги насочат ниско кон северноисточниот хоризонт пред полноќ на 12 јануари за да ја забележат кометата.

Ледениот, небесен објект што значително се осветлува кога се доближува до сонцето ќе мине најблиску до земјата ноќта меѓу 1 и 2 февруари кога ќе се наоѓа на 42 милиони километри оддалеченост. Според процените, таа ќе се најде во близина на ѕвездата Северница и ќе биде видлива во раните вечерни часови.

Според НАСА, кометата во северната хемисфера со двоглед ќе биде видлива во зори поголемиот дел од јануари, а во јужната во првите денови од февруари.

Оттаму додаваат дека доколку кометата се осветли многу кога ќе се доближи до сонцето ќе стане видлива и со голо око навечер кон крајот на јануари. Таа ќе се разликува од ѕвездите преку своите опашки од прашина и зелената обвивка околу неа.