Здруженија на географи преку петиција бараат географијата да остане посебен предмет

„Да кажеме НЕ за уништувањето на географијата како предмет“. Со оваа порака повеќе македонски здруженија на географи отворија онлајн петиција со која бараат географијата да остане посебен предмет во образовниот систем.

Петицијата која е адресирана до Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието, досега има собрано над 2.000 потписи.

„Со новата Концепција во основното образование, географијата целосно се деградира и разнебитува. Географијата е спој помеѓу природните и социо-економските карактеристики на просторот. Со Концепцијата овие две нишки целосно се одвојуваат и вештачки се спојуваат со други предмети, што ќе доведе до несогледливи последици, како по учениците, така и по наставниците“, се наведува во петицијата.

Здруженијата на географи тврдат дека интегрирање на географијата со историјата и граѓанското образование, како што е предвидено со новата Концепција во основното образование, е невозможно, а дополнително велат дека со ваквата промена многу наставници по географија ќе останат без работа.

„Според податоци од  Државниот завод за статистика 2021/2022 од 11 146 паралелки во основно образование има 1238 паралелки во VI одделение. Бидејќи наставниците по географија имаа по  два часа (72часа) ќе се изгубат 1238 часа или 62 работни места. Доколку концепцијата продолжи по зацртаниот план во VII, VIII и IX одделение ќе се изгубат дополнителни 186 работни места, односно 248 наставници по географија кои имаат редовен работен однос ќе останат без работа“, додаваат здруженијата.

Покрај барањето географијата да остане посебен предмет, најмалку во VII, VIII и IX одделение, односно исклучување од предметите природни науки и историја и општество, во петицијата се бара и модуларно изучување изучување на наставните содржини и теми по предметот природни науки V и  VI одделение, а не сите содржини кои се однесуваат на предметите: географија, биологија, физика и хемија да ги предава еден наставник.

Иницијативата ја имаат поддржано: Здружение на професори по географија на Македонија „Проф.Д-р Љубе Миленковски“- Скопје, Регионално географско друштво „Геосфера“- Битола, Регионално географско здружение „Проф. Д-р Митко Панов“- Прилеп и Независен синдикат за образование и наука – Скопје.

Повеќе информации за барањата на здруженијата се достапни на следниов ЛИНК. Петицијата може да се најде ТУКА.