Пожарите, што во последниве недели зафатија различни делови од земјата, a посебно во Скопскиот регион, создаваат услови кои можат сериозно да ја загрозат безбедноста на новинарите и медиумските работници што известуваат од терен. Оттука, Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) објави насоки за безбедно известување од пожари и воедно потсетува дека здравјето и животот секогаш се пред секоја професионална задача.
При работа од терен во околности на пожар, ЗНМ бара од новинарите да не влегуваат во зони кои претставуваат директна опасност за живот и здравје. Исто така, колку што е можно, да го ограничат времето на престој во зоната со чад и да известувааат од безбедна дистанца.
„Избирајте облека или опрема што ќе ви овозможи практична заштита од прашина и честички, а по напуштање на местото применете основни хигиенски мерки. Одржувајте ја техничката опрема во функција и заштитена, бидејќи контаминацијата може да влијае врз квалитетот на работата. Користете заштитни маски со висок степен на филтрација (N95, FFP2 или FFP3) за да се намали вдишувањето штетни честички“, порачуваат од ЗНМ.
Од таму нагласуваат дека овие насоки се во согласност со препораките на Европската федерација на новинари (EFJ), кои приоритетно го третираат прашањето на безбедноста при работа во ризични услови.
„Новинарството е клучно за јавниот интерес, но никогаш не смее да биде на сметка на личната безбедност и животот на новинарите, снимателите и фоторепортерите“, соопштува ЗНМ.