Тимот на ИРЛ ја доби наградата за истражувачко новинарство „Јашар Еребара“ на ЗНМ

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) денеска ги додели годишните новинарски награди. Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) ја доби наградата за истражувачко новинарство „Јашар Еребара“, наградата за животно дело „Крсте Петков Мисирков“ ја доби Драган Ѓорговски, додека награда за новинарско известување на теми од локално и регионално значење ја доби Аднан Ќаили.

Комисијата за членство во состав Соња Колевска Делевска, Среќко Поповски и Ријад Мурати, дополнително одлучи да додели и четири признанија и една плакета за посебен придонес во промоција на професионалното истражувачко новинарство.

Плакета за посебен придонес кон професионалното новинарство за известување од војната во Украина доби новинарката Кристина Атовска, а признанија за посебен придонес во професионалното истражувачко новинарство добија Фросина Димевска, Мартин Пушевски, Петар Клинчарски и Ирена Мулачка.

Претседателот на ЗНМ Младен Чадиковски рече дека годинава имало голем број апликканти кои пријавиле квалитетни стории во секоја категорија.

„Секоја година имаме се поголем број на пријавени кандидати за наградите, што особено ме радува бидејќи тоа е показател дека се уште има уште многу стории и приказни кои чекаат да бидат објавени и раскажани. Голема одговорност е да информираат граѓаните, а уште поголема да се биде во нивна служба. Имаме многу медиуми кои не секогаш се солидарни меѓу себе, но тоа не значи дека и ние новинарите и медиумските работници треба да го следиме тој пример. Ако медиумите се поделени, новинарите треба да бидат сплотени“, рече Чадиковски.

Годинава имало вкупно 42 пријави од кои 18 апликации за наградата новинарско истражување на теми од локално и регионално значење, 17 за наградата „Јашар Еребара“ за истражувачко новинарство и уште 7 пријави за наградата за животно дело.