Здружението на историчари бара од МОН да стави мораториум на Концепцијата за основно образование

Здружението на историчарите на Република Македонија (ЗИРМ) ја критикува Концепцијата за основно образование со што во наставната програма за 2023/24 година за шесто одделение е предвидено укинување на предметот „Историја“.

„Како Здружение на историчарите на Република Македонија, чијашто повеќе од седумдецениска дејност меѓу другото е насочена кон развојот на македонската историографија и унапредувањето на квалитетот на наставата во македонската историја, потсетуваме дека многупати и тоа во повеќе форми, јавно предупредивме на негативните импликации од крајно избрзано донесената Концепција за основно образование, која што беше целосно отфрлена од сите релевантни научни и високообразовни институции. Надоврзувајќи се на нашите ставови, на 22 декември 2022 година до Министерството за образование и наука поднесовме Барање за повлекување на учебникот по новововедениот предмет ‘Историја и општество’ за V одделение. Истото го поткрепивме со критичка анализа на 30 страници, во која нотиравме 60 сериозни пропусти и грешки во концепциска, содржинска и методолошка смисла, при што предупредивме дека истите ќе создадат кај учениците погрешни претстави не само за минатото, туку и за сегашноста. Во оваа прилика јавно прашуваме дали овој учебник е повлечен од употреба, со оглед дека посочените пропусти ги надминуваат законски предвидените 30%!“, стои во реакцијата.

Како што наведуваат од ЗИРМ, погрешната концепциско-содржинска поставеност на учебникот е директен резултат на Концепцијата, поради што побарале од МОН да иницира јавна дебата за подготовка на нова Концепција. Оттаму додаваат дека не се изненадени од актуелната состојба за отсуство на предметот „Историја“ од наставните програми за учениците во шесто одделение.

„Како Здружение, како и генерално историската фела во државата, одбиваме да учествуваме во нивната подготовка, со оглед на нашето неприфаќање на Концепцијата. На тој начин го изразуваме категоричното противење што со Концепцијата е укинат предметот Историја (воведен во македонската држава од АСНОМ), за сметка на погрешно конципираниот и новоконструиран предмет ‘Историја и општество’, во кој вештачки се интегрирани предметите историја, граѓанското образование и географија. Досегашната практика на примената на Концепцијата, недвосмислено ги потврдува нашите претходни оценки дека историјата се маргинализира и деградира, со што се оневозможува суштинското согледување на минатото, од што зависи и иднината на македонската држава. Особено што во Европската унија, каде како демократска држава припаѓаме и чиишто фундаментални вредности ги споделуваме, во суштина историјата како предмет го дефинира идентитетот и свеста за припадноста кон нацијата“, децидни се од ЗИРМ.

Од Здружението велат дека застануваат во заштита на нивните колеги наставници чиишто работни места, со како што велат штетните последици од понатамошното спроведување на Концепцијата се доведени во прашање. Од ЗИРМ додаваат дека и натаму се на ставот „Историја“ да остане посебен предмет, а ги поддржуваат и нивните колеги кои сметаат дека предметите „Географија“, „Граѓанско образование“, „Биологија“, „Хемија“, „Физика“ треба да се изучуваат посебно.

Здружението предупредува дека повторувањето на досегашната практика за, како што велат, избрзано донесување нови наставни програми за историја ќе предизвика крајно штетни последици за македонскиот образовен систем.

„Укажувајќи на досегашните сериозни штети причинети од Концепцијата за основно образование, што наоѓа директен одраз во несоодветните наставни програми и на учебниците како краен продукт, категорично бараме од Министерството за образование и наука да стави мораториум на Концепцијата и под итно да организира широка јавна дебата, која ќе биде заснована на сеопфатна анализа која ќе ги артикулира и досегашните негативни импликации од нејзиното воведување, како и ставовите на научната и академската заедница. Во меѓувреме, додека не се подготви и усвои нова Концепција, бараме да се продолжи со досегашните наставни програми. На тој начин ќе се спречат идните штетни последици за учениците, наставниците, како и за севкупниот македонски образовен систем и за граѓаните и државата во целина“, се вели во реакцијата.

Според претставниците на фелата, новата Концепција ќе мора да го одразува научниот, академски и општествен консензус.

„Квалитетот на образованието е наша заедничка обврска и должност како историчари и како совесни граѓани, бидејќи младите генерации се столбот на иднината на државата. Во спротивно, како држава и како нација и натаму ќе бидеме на самото дно во однос на квалитетот на образовниот систем во Европа“, сметаат од ЗИРМ.