„Здравство на здрав пат“ – ново 51. издание на списанието „Лице в лице“

Со фокус на „Здравство потребно на здрав пат“, пристапот до лекови и потребата од почесто ажурирање на позитивната листа излезе новото 51. издание на „Лице в лице“, списанието за одржлив развој.

Од платформата што веќе 10 години го промовира социјалното претприемништво во најавата за новиот број на списанието порачуваат дека одржливото здравство е императив за задоволни граѓани и подобро општество.

„Приватното плаќање за лекови е убедливо најголемиот извор на финансиски тешкотии, забележува Светската здравствена организација (СЗО). Причина за тоа е ограничената позитивна листа на лекови и тоа што сиромашните и хронично болните не се ослободени од партиципација“, нагласуваат од „Лице в лице“.

Во новото издание, како што информираат оттаму, се вклучени и опишани сите предизвици на граѓаните кои секој месец плаќаат дополнително за лекови и покрај тоа што секој месец од платата им се издвојуваат придонеси за здравствено осигурување. Нивните препораки во однос на оваа, како што велат, проблематика, вклучени во изданието се насочени кон идеи и практики што се применуваат на глобално ниво.

„Позитивната листа на лекови не е ревидирана повеќе од 10 години, а од 160 нови лекови одобрени од ЕУ во периодот од 2017 до 2020 година, само 11 се достапни во Македонија. Поради ова, пациентите можат да си дозволат најчесто застарени лекови кои во некои земји се исфрлени од употреба, а Министерството за здравство го пролонгира носењето на нов правилник што ќе ги дефинира условите за ставање лекови на листата. Ова е причина и за осиромашување на граѓаните. Над 46 отсто од домаќинствата во 2018 година, пријавиле дека имале приватни плаќања за лекување и 80 % од нив се за лекови“, пишува Климентина Илијевски, извршна директорка на „Паблик“ и главна уредничка на „Лице в лице“, во воведникот на ова издание.

Новиот број застапува и ставови на професорот Кирил Солески, специјалист по дигитално здравство кои се врзани за придобивките што може да ги донесе дигитализацијата во здравството.

„Дигитализацијата е многу динамичен процес што ќе го однесе пациентот неколку чекори напред. Може многу да помогне да се подобри здравствената писменост на граѓаните, која, од друга страна, ќе ги намали непотребните посети на лекар и на ургентните центри.  Најважниот дел од трансформацијата, сепак, треба да биде развивањето иновации што ќе имаат цел да го намалат протокот на пациенти кај лекарите и болниците, да ги доведат до оптимум здравствените системи, да ги подобрат резултатите кај пациентите, да ги редуцираат медицинските грешки и да ги намалат здравствените трошоци“, истакнува Солески во интервјуто за „Лице в лице“.

Низ страниците на 51. издание на „Лице в лице“, велат од Платформата, читателите ќе може да го сретнат и ставот на пациентските здруженија, претставен преку „Хема“, Здружение за помош и поддршка на пациенти со хематолошки заболувања и нивни негуватели, за важноста од учество на засегнати страни во креирањето здравствени политики.

Овој број на списанието, Платформата „Лице в лице“ го издаде во партнерство со „Рош Македонија“.