Започнува реновирањето на Универзална сала

Универзалната сала конечно се враќа на скопјани во својот препознатлив сјај, најави на својот Фејсбук профил скопскиот градоначалник Петре Шилегов.

„Почнавме со реконструкција на култниот објект кој ќе биде со современ архитектонски изглед, а ќе се гради по сите светски стандарди. Особено важно е задржување на автентичноста на Универзалната сала, по што сите ние ја паметиме. А најважно од сѐ е да го вратиме духот на Скопје и сите оние фестивали и настани таму каде што припаѓаат!“, напиша тој.

Универзална сала е затворена веќе шест години, од 2015 година кога беше најавено дека ќе се урива за на нејзино место да се гради нова сала, во форма на стаклено јајце, при што беше преименувана во Конгресен центар „Александар Македонски“.

Сепак, идејата за „јајцето“ пропадна, по што следеа најави за нејзина обнова со можност за зголемување на капацитетот. Со доаѓањето на градоначалничката функција на Петре Шилегов беше вратено името Универзална сала, во време кога во јавноста се дебатираше дали салата треба да се реновира, да се зголеми, или да се руши. Одлучено беше да се реновира, задржувајќи го автентичниот изглед.