Започнува реализацијата на БРТ автобускиот систем кој Град Скопје го кочеше две години

Град Скопје ќе започне со реализација на Системот за брз автобуски превоз (БРТ), соопштија денеска од градската власт откако две години имаше неизвесност дали овој проект почнат од претходната градска администрација ќе биде напуштен или ќе продолжи да се имплементира.

Проектот подразбира изградба на два нови терминали, на транспортни центри, обезбедување на непречено сообраќање на автобусите, како и набавка на нови еколошки автобуси кои користат ЦНГ.

Новиот систем е предвидено да има две линии кои ќе го поврзуваат градот по линија исток-запад (од Ѓорче Петров до Ново Лисиче) и север-југ (од Бутел до Пинтија), а двете линии ќе се преклопуваат во центарот на градот. За реализација на проектот ќе се користи заем од Европската банка за обнова и развој од 70 милиони евра.

„Новите еколошки автобуси и ревидираниот систем значително ќе го намалат сообраќајниот хаос во главниот град и ќе овозможат јавниот превоз да се одвива непречено, а доцнењето да биде минато. Затоа е важно се што е во интерес на граѓаните да се реализира, а тие да добијат градски превоз како што доликува на главниот град“, стои во соопштението од Град Скопје.

Оттаму велат дека изминативе две години биле отстранувани пречките во проектот „предизвикани од претходното градско раководство“.

„Во основниот идеен проект беа истакнати детектираните сериозни пречки за реализација кои благодарение на посветеноста и работата на градската администрација се надминати и со нивно отстранување се овозможува непречена реализација на овој проект“, посочуваат од Град Скопје.

БРТ системот за јавен транспорт беше проект на претходниот градоначалник Петре Шилегов, кој пред повеќе од две години го потпиша договорот за таканаречениот „трамвај на тркала“. Тогаш беше планирано дека најдоцна до крајот на 2024 година треба да профункционира линијата од Ново Лисиче до Ѓорче Петров, додека втората линија би се пуштила во употреба во 2025 година.

Проектот беше закочен по доаѓањето на власт на градоначалничката Данела Арсовска, која на самиот почеток од нејзиниот мандат најави дека нема намера да го имплементира овој систем за градски превоз и имаше бројни критики за него, а потоа најавуваше и дека е можно овој проект да се стави на референдум па граѓаните да одлучуваат дали сакаат ваков систем за подобрување на јавниот превоз во градот. Подоцна таа во медиумските настапи тврдеше дека никогаш не се откажала од проектот.

Шилегов веднаш по соопштението се огласи на Фесјбук критикувајќи ја актуелната скопска власт дека „се враќаат онаму каде што требаше да продолжат пред 2 години“.

„Загубените 2 години (досега ќе беше во полн ек изградбата) и парите кои како камати се платени во меѓувреме, за жал, повторно паѓаат на грбот на Скопјани“, напиша Шилегов.