Започнува процесот на репрогласување на Демиркаписката клисура за споменик на природата

Клисурата во Демир Капија е дом на 149 видови на птици, или речиси половината од сите кои постојат на европското тло. Тоа е најдолгата клисура на реката Вардар, со должина од 19 километри и површина од 200 хектари. Како еден од најбогатите орнитолошки локалитети во Европа по застапеноста на ретки грабливи птици, во Демир Капија живеат белоглавиот мршојадец, египетскиот мршојадец, златниот орел, орелот змијар, лисестиот глувчар и други научно значајни видови птици, пишува Мета.мк.

Во „Железната порта“, помеѓу двата тунели во клисурата, се и живеалиштата на ендемичните терестични полжави, но и на други значајни видови цицачи, влекачи и инсекти, како и ретки и ендемични растенија. Тука се наоѓа и долината на кактусите и платанот кој е заштитен со Законот за шуми како природна реткост, дивата фоја и други растенија. Делот од Вардар што тече низ Демир Капија се смета за една од последните недопрени делови од реки во Европа. Во овој дел има и девет пештери, од кои најдолга, со речиси еден километар, е Бела Вода.

„Тука е центарот на Европа за птиците“, вели Ѓорѓи Митревски од „Еко свест“.

Посочува дека во моментов во процедура е обезбедување средства за изработка на Студијата за валоризација на вредностите на клисурата Демир Капија, за што се разговара со потенцијални меѓународни донатори. Овој документ е основа за продолжување на постапката во која Општината Демир Капија ќе треба да поднесе барање за репрогласување до Министерството за животна средина.

Заштитата на Демир Капија и Вардар ќе се врши во рамките на регионалната иницијатива „Заедно за реките“, во која членуваат повеќе организации од Балканот под водство на The Nature Conservancy (TNC) и кои имаат иста цел, зачувување на преостанатите недопрени реки на овој простор.

„Во иницијативата ‘Заедно за реките’ заедно со уште неколку организации од регионот работиме на систематска заштита на последните 400 километри недопрени водотеци во регионот. Во нив спаѓа и делот на Вардар што минува низ Демиркаписката клисура. Се надеваме дека ако се тече како што треба за две до три години клисурата во Демир Капија и течението на Вардар со притоките во тој дел да ја добие заштитата која им е неопходна за зачувување на природните вредности и реткости на ова подрачје“, вели Митревски.

За екологистите е најважно што сите инволвирани страни, пред се граѓаните и нивните здруженија, општината и сите локални институции, како и Министерството за животна средина се на иста линија што дозволува процесот на заштита да може да започне.

Од Министерството за животна средина велат дека ја поддржуваат иницијативата за репрогласување на заштитените подрачја, меѓу кои спаѓа и клисурата Демир Капија бидејќи на тој начин се прави прогрес во активностите за ревалоризација и репрогласување на заштитените подрачја согласно Законот за заштита на природата, Стратегијата за биолошка разновидност и Стратегијата за заштита на природата.

„Согласно со Студијата за заштита на природното наследство, локалитетот Демир Капија е заштитено подрачје во категоријата споменик на природа. Прогласувањето е спроведено со стариот Закон за заштита на природните реткости, кој е вон сила, заради што МЖСПП треба да изврши ревалоризација на заштитените подрачја и да изготви нови акти за прогласување во согласност со одредбите од овој закон“, велат од Министерството.

Посочуваат дека треба да се изработи Студија за валоризација или ревалоризација на заштитеното подрачје, во која треба да се определат надворешните граници, типовите на зони и предлог границите на нивното распространување, како и природните вредности на подрачјето, кои заедно со иницијативата од Општината ќе бидат основа МЖСПП да ја отпочне постапката за репрогласување на заштитено подрачје.

Митревски вели дека е изработена анализа за можностите за економски и одржлив развој на Демир Капија во контекст на заштитено подрачје која покажува дека оваа иницијатива нема да обезбеди благосостојба само на биодиверзитетот и природата, туку и перспектива за општината и локалната економија.

„Увидовме дека голем потенцијал има во одржливите практики, како што се недопрени реки кои се погодни за туризам, кајакарење и рафтинг, потоа можностите на клисурата со патеките за качување, велосипедизам во природа, собирање шумски плодови, рачни изработки и сл. Привлекувањето на туристи ќе значат повеќе работа и за локалните сместувачки капацитети, за винариите, рестораните…“ вели Митревски.

Градоначалникот на Демир Капија, Лазар Петров вели дека најголемиот потенцијал за својата општина го гледа во развој на туризмот. Заштитата на клисурата е чекор токму во таа насока што треба да привлече поголем број посетители, кои на одржлив начин ќе можат да ги уживаат убавините на пределот.

„Имаме голема перспектива пред нас ако го реализираме проектот за заштита на клисурата. Демир Капија е дом на над 140 видиви на птици, па набљудувањето е една од можностите за која има голем потенцијал и интерес. Сакаме да работиме и на промоција на туризмот, риболовот, велосипедизмот, параглајдингот, алпинизмот…“, нагласува Пертов.

Вели дека се плаши дека и во нивната општина може да се појават инвеститори со апетити за изградба на мали хидроцентрали или други инфраструктурни објекти кои би биле во спротивност со заложбите за заштита на уникатноста на биодиверзитетот и геоморфологијата на просторот. Заради тоа е голем интересот да се создадат можности посетителите да можат да ги уживаат убавините на Демир Капија во одржлива форма.

„Ќе имаме утврден модел со кој ќе се грижиме и за клисурата и за реките, ќе се воспостави и ренџерска служба, ќе има План за управување и тело кое ќе биде надлежно да го спроведува. Очекуваме економски бенефит за сите, за сместувачките капацитети, за малите производители на домашна ракија, вино, мед, традиционална храна, за винариите, за рестораните, со еден збор за сите“, вели Петров.

Мета