Пехчевски: Топланите да продолжат да работат на гас за да се ублажи состојбата со аерозагадувањето

Единственото нешто што може да се направи оваа зима за да се ублажи состојбата со аерозагадувањето е топланите во Скопје да продолжат да работат на гас, смета Давор Пехчевски, програмски координатор на Еко-Свест и експерт за квалитет на воздух.

Истовремено, тој објаснува дека за ублажување на состојбата со аерозагадувањето во останатите градови моментално е веќе многу потешко за да се преземат мерки, бидејќи, како што вели, луѓето веќе се имаат снабдено со тоа што сакаат да го користат за загревање. Според него, во однос на другите градови, не може да се реагира сега, меѓутоа може да се реагира рано, на пролет и преку цело лето, за наредната година да не се соочат со истата ситуација.

„Значи може да се почне конечно со спроведување зеленото сценарио што предвидува активно да се воведуваат обновливи извори на енергија, не само за производство на електрична енергија, него и за производство на топлина за домаќинствата“, вели Пехчевски.

Според него, начинот на кој што владата се справува со енергетската криза моментално е навраќање кон стари технологии и активирање стари капацитети за производство на електрична енергија и за снабдување со топлина.

„Гледаме дека ТЕЦ Осломеј работи 7, 8 пати повеќе отколку што работеше претходните години, и тоа е со увозен јаглен, кој што нели набавен е од други земји, делумно е набавен и нетранспарентно, не знаеме со кој квалитет е и не знаеме какви последици предизвикува тој. Исто така, ТЕЦ Неготино кое што повеќе од 10 години беше таа ладна резерва што ја викаат, сега активно работи веќе цела година. Последно е што најавија дека за Град Скопје топланите потенцијално може да се префрлат да работат на дизел, наместо на гас, заради тоа што имало некои несигурности во снабдувањето со гас“, вели Пехчевски.

фото: Радио МОФ

Последиците најмногу се гледаат по аерозагадувањето, вели Пехчевски, но и додава дека пораката дека се е дозволено се додека обезбедуваме топлина и струја е погрешна.

„Тоа значи дека и луѓето ќе пристапат кон поевтини методи на загревање, наместо да користат дрво, ќе користат отпад, и ова доколку е ладна зимава, може да видиме загадување кое што ќе биде повисоко од претходните години кога имавме нели и многу повеќе и протести низ Скопје“, посочува тој.

Последиците по јавното здравје веќе се огромни, тврди Пехчевски, кој додава дека со години наназад Македонија е во топ 13 загадени земји во Европа.

„Според анализите од Европска агенција за животна средина имаме 3-4.000 предвремени смртни случаи само од аерозагадување. И тоа од некои сегменти од аерозагадување, тие дури не ги ни обработуваат сите, така што оваа година, доколку се остварат проекциите дека може да биде ладно јануари, февруари, доколку се префрлат еве топланите на дизел итн., може да очекуваме и уште полоши последици по здравјето на граѓаните“, дециден е Пехчевски.

Иако Македонија има за цел да ги намали емисиите на стакленички гасови за 70%, моментално тие се зголемуваат, вели Пехчевски. Тој објаснува дека сега има повеќе емисии на стакленички гасови во споредба со изминатите 10 години, бидејќи претходно ТЕЦ Осломеј работел со ограничен капацитет, додека ТЕЦ Неготино воопшто не работел со години.

„Сѐ што е предвидено и во енергетската стратегија, и во стратегиите за справување со климатски промени, односно Национален план за енергија и клима како што се вика, се што е таму наведено, не се спроведува и сега се прават обратни чекори, се инвестираат десетици, дури и стотици милиони евра во увоз на струја, увоз на јаглен, мазут итн., практично навраќање 50 години назад“, дециден е Пехчевски.

Мартин Колоски