Започнаа „Денови на македонската култура во Белград“ со изложба на уметникот Тодор Јовановски

Во просториите на Завичајниот музеј „Жарково“ – Музеј на град Белград, синоќа беше свечено отворена изложбата на слики од македонскиот уметник Тодор Јовановски, со што официјално започна овогодинешната традиционална манифестација „Денови на Македонската култура во Белград“, под насловот „Допир на Македонија“.

„Изложбата на Јовановски, кој со своето уметничко творештво пренесува длабоки културни и емотивни релации со Македонија, оваа година доби и хуманитарен карактер. Уметникот ја донираше својата слика ‘Виолинистка’ (масло на платно, 70 x 50 см, 2016), со цел приходот од продажбата да биде наменет за помош на семејствата на пациенти од Кочани кои се лекуваат во Белград. Аукцијата е отворена до 29 мај, а на затворањето на изложбата на 30 мај ќе виде врачена на купувачот“, информира Здружението „Македониум“, кое ја организира манифестацијата, под покровителство на Националниот совет на македонското национално малцинство и Министерството за култура на Република Србија.

Утре (9 мај) во „Академија 28“ ќе се одржи јубилеен концерт по повод 10 години од основањето на ансамблот „Македониум“, со учество на гости од Културно уметничкото друштво „Колан“, пејачките групи „Срма“ и „Луњина“, како и хорот на ОУ „Доситеј Обрадовиќ“ од Умка.

„И овој настан е од хуманитарен карактер, а доброволниот билет чини 300 динари и ќе се користи за поддршка на повредените од Кочани“, истакнуваат од „Македониум“.

Претставата „Земјата на штрковите“ од театарот „Провокација“ од Скопје ќе се изведе на 15 мај со почеток во 19:30 часот во Театар 78, на 16 мај во Јабука, а на 17 мај во Вршац.

На 22 мај, пак, во Градската библиотека Белград ќе има свечена академија по повод празникот Свети Кирил и Методиј со гостување на на Симона Груевска Маџоска од Институтот за македонски јазик од Скопје.

Здружението организира и поетска вечер и портрет на поетесата Емилија Тодорова на 28 мај во куќата на Ѓуро Јакшиќ.

Додека на 2 и 3 јуни во кино сала на Етнографскиот музеј во соработка со Македонската кинотека ќе се одржи филмска ревија на македонскиот режисер Љубиша Георгиевски, со избрани дела од неговиот опус.

„Оваа манифестација, која го слави македонскиот културен идентитет и го зајакнува пријателството меѓу двете држави“, истакнуваат од „Македониум“.

„Денови на Македонската култура во Белград“ се реализираат со поддршка на компаниите „Алкалоид“ и „Фудекс“.