Вчера официјално започна КОП24 – најважната Конференција на ОН за климатските промени по Парискиот договор од 2015 година. Таа годинава се одржува од 2 до 14 декември во полскиот град Катовите, едно од најзагадените подрачја на Европа поради експлоатацијата на јагленот.
На самиот почеток, Светската банка соопшти дека во периодот 2021-2025 година ќе издвои 200 милијарди долари за финансирање проекти за борба против климатските промени, што е двојно поголема сума од средствата наменти за таа цел во претходните пет години.
„Треба да се бориме со причините за климатските промени, но и да се приспособиме кон последиците од нив, кои несомнено ќе бидат најдраматични во најсиромашните земји“, изјави извршната директорка на Светската банка, Кристалина Георгиева за време на конференцијата.
За претставниците на 195 земји конференцијата е рокот до кој мора да го заклучат „правилникот“ и да го исполнат Парискиот договор од кој претходно се повлекоа САД.
Развиените земји се обврзаа да го зголемат финасирањето на проекти за справување со климатските промени во државите во развој за дополнителни 100 милијарди долари до 2020 година.
Уште на самиот почеток на конференцијата се одржаа повеќе протестни акции кои имаа цел да укажат на несериозното спроведување на планот за климатските промени.
Деветмина активисти на меѓународната организација за заштита на животната средина „Гринпис“ се искачија на врвот на 180-метри високиот оџак на полската термоцентрала „Белхатов“, за да го изразат своето незадоволство од користењето на јагленот како значаен извор на енергија во Полска.
Термоцентрала „Белхатов“ е најголемата електроцентрала во Полска и важи за еден од најголемите загадувачи на воздухот во Европа.
„Планот целосно ги игнорира заканите и предизвиците што ги создаваат климатските промени и е доказ дека министерот за енергетика воопшто не ги разбира промените во енергетскиот сектор на глобален план, изјави претставникот на „Гринпис“, Павел Шипулски.
Претходно, протести за акција против климатските промени се одржаа во Белгија и Австралија. Тие ги повикаа своите Влади да ги почитуваат обврските од Парискиот договор.
Главната цел на Парискиот договор од 2015 е намалувањето на емисијата на гасовите со ефект на стаклена градина, последиците од користењето фосилни горица (тресет, јаглен, нафта, природен гас) и да се ограничи порастот на глобалната температура на ниво меѓу 1,5 и 2 Целзиусови степени во однос на прединдустриското ниво. Со намалувањето на уделот на фосилните горива треба да се ограничат сѐ почестите климатски екстремности, да се намали растот на нивото на морето и изумирањето на растителните и животинските видови.
Со договорот секоја земја се обврзува на борба против глобалното затоплување, но потребни се и прописи за навистина да се намалат емисиите на штетни гасови и тој процес внимателно да се надгледува.
Според студијата на Истражувачкиот институт Грантам за климатски промени и животна средина и Центарот за климатски промени, eкономија и политика, при Лондонската школа за економија и политички науки, само 16 држави поставиле јасни цели за намалување на емисиите на „стакленичките“ гасови, а меѓу нив е и Македонија.
Претходно, со свој извештај излегоа и научниците на ОН, кои објавија дека до 2040 година просечната температура во светот ќе порасне за 1,5 Целзиусов степен, а според Светската метеоролошка организација глобалните температури до 2100 година ќе пораснат за три до пет Целзиусови степени.
Најзначајни последици на климатските проемни се покачувањето на нивото на морињата и појавата на елементарни непогоди, како поплави и суши.