Само 16 држави, меѓу кои и Македонија, ги вметнале целите на Парискиот договор во националното законодавство

Само 16 држави поставиле јасни цели за намалување на емисиите на „стакленичките“ гасови, а меѓу нив е и Македонија.

Ова го покажува новата студија на Истражувачкиот институт Грантам за климатски промени и животна средина и Центарот за климатски промени, eкономија и политика, при Лондонската школа за економија и политички науки. Тие заедно со Светскиот истражувачки институт го оценуваа законодавството на земјите во врска со усогласеноста со Парискиот договор.

Истражувачите откриле дека од 197 држави-потписнички, 157 имаат поставено цели за намалување на емисиите, но само 58 ги пренеле своите обврски во националното законодавство, а од тие 58 земји, само 16 ги поставиле како национални закони во согласност со Парискиот договор.

Покрај Македонија, земјите кои ги поставиле овие амбициозни цели во националните политики и закони се Алжир, Канада, Костарика, Етиопија, Гватемала, Индонезија, Јапонија, Малезија, Црна Гора, Норвешка, Папуа Нова Гвинеја, Перу, Самоа, Сингапур и Тонга.

Во новиот извештај, експертите изразуваат загриженост поради огромниот јаз помеѓу големите ветувања направени на глобалната сцена и домашните цели поддржани со закон.

Меѓувладиниот панел за климатски промени издаде предупредување претходно овој месец за катастрофални резултати како последица на ненамалувања на емисиите во текот на следната деценија.

Во пресрет на големиот самит на ОН кој ќе се одржи во Полска во декември, на кој ќе се разговара за пристапот на светот кон глобалното затоплување, авторите на извештајот велат дека нациите треба да постават јасни планови за тоа како ќе престанат да ослободуваат гасови со ефект на стаклена градина во атмосферата.

„Имате 12 години да се здружиме, а за да го сторите тоа навистина треба да знаете што ќе правите во наредните шест месеци, во наредните две години, во наредните 12 години”, објасни д-р Микал Накмани од Институтот.

До 2035 година, светот ќе треба да инвестира 2,4 трилиони долари за транзиција на индустрискиот, енергетскиот, земјоделскиот, станбениот и транспортниот сектор. Во енергетскиот сектор, огромна улога играат соларната енергија и складирањето, бидејќи трошоците за нив се намалиле во последните години, правејќи ги најприфатлив извор на енергија и за региони каде што досега немало пристап до електрична енергија.