Започна процес за безвизен режим на С. Македонија со САД, соопшти МНР

Откако американскиот Стејт департмент објави дека процентот на одбиени визи за Северна Македонија во 2020 година изнесувал нешто над 26%, од Министерството за надворешни работи (МНР) информираат дека е започнат процес за присоединување на земјава кон Програмата за САД за безвизен режим (Visa Waiver Program).

Оттаму посочуваат дека со владина одлука е формирана меѓуресорска работна група предводена од МНР, која се состои од претставници и на други релевантни институции кои работат на исполнување на условите за воспоставување безвизен режим со САД.

„Условите се однесуваат на различни области, но еден од клучните е процентот на одбиени визи да изнесува најмногу 3%. Во тој контекст, нагласуваме дека високиот процент на одбиени визи од безмалку 30% се должи на несоодветните апликации, за што планираме наскоро да започнеме кампања за едуцирање на граѓаните за процесот на аплицирање и условите кои треба да бидат исполнети, со цел добивање виза за САД“, соопштија од МНР.

Од Министерството велат и дека процесот на укинување визи за САД е долгорочен и комплексен процес, кој налага континуирани активности.

„Воедно, приклучувањето на Северна Македонија во Програмата за безвизен режим стана дел од Стратешкиот дијалог со САД и е меѓу проектите во Акцискиот план, што беше усвоен на владина седница во февруари оваа година. Постигнувањето на оваа цел ќе биде од бенефит за економскиот развој на земјава, а ќе внесе и дополнителен импулс за зајакнување на билатералните односи и стратешкото партнерство, како и доближувањето на народите од двете земји“, додаваат од МНР.