Започна младинската акцелераторска програма од проектот МладиХаб

Во рамки на проектот „МладиХаб – градење вештини за вработување, компетенции и можности за вмрежување за младите” започна младинската акцелератроска програма чија цел е е да го поттикне младинското претприемништво во државата и да им помогне на младите да станат поконкурентни на пазарот на трудот.

Програмата почна со дводневен bootcamp за сите учесници.

Во програмата учествуваат 4 тимови и 3ца индивидуалци кои во текот на следните 8 недели ќе ги развијат своите бизнис идеи со помош на искусни ментори од CEED Hub Скопје и ќе добијат можност за поврзување со други претприемачи, инвеститори и соработници.

Програмата предвидува групни и индивидуални сесии преку кои ќе се утврдат конкретни начини за надминување на сите потенцијални предизвици при развивање на бизнис и ќе заврши со демо ден каде учесниците ќе ги презентираат своите идеи пред потенцијални инвеститори.

„Сметаме дека започнувањето на сопствен бизнис е голем предизвик. Токму затоа, идејата позади акцелераторската програма е да се погрижиме првите чекори на младите претприемачи да бидат во вистинската насока. Нашите ментори се тука за да им овозможат помош и поддршка на сите учесници во програмата при нивното адаптирање на бизнис средината и со тоа да им овозможат поголеми шанси за успех и напредок понатаму”, велат од CEED Hub Скопје.

Од таму посочуваат дека целта на проектот е да се создадат подобри можности за вработување, кариерен развој и вмрежување на младите преку платена практична работа и програми за менторство кои ќе им овозможат да работат на реални проекти и да станат поконкурентни на пазарот на трудот.

„Преку младинската акцелераторска програма имаме цел да го поддржиме развојот на младински бизниси во државата и да им помогнеме на младите полесно да запловат во претприемачките води. Се надеваме дека акцелераторската програма, како и нашите останати проектни активности ќе допринесат кон создавање на подобри можности за професионален и личен развој на младите и нивно полесно пробивање на пазарот на трудот”, велат од НМСМ.

Проектот „МладиХАБ –градење вештини за вработување, компетенции и можности за вмрежување за младите” го спроведува Националниот младински совет на Македонија во соработка (НМСМ) со CEED Hub Скопје, со финансиската поддршка од Британската амбасада во Скопје.