Започна изградбата на најголемиот радио телескоп во светот

Денес започнува изградбата на најголемиот радио телескоп во светот познат како „Square Kilometre Array“ (SKA) што е еден од најголемите научни проекти на 21-от век, пишува „Би-Би-Си“.

Телескопот чија изградба треба целосно да заврши до 2028 година е со седиште во Обединетото Кралство, а има елементи и во Јужна Африка и Австралија. Со помош на софистицираните елементи од кои е планирано да биде составен, телескопот треба да ги адресира некои од најважните прашања во астрофизиката, а се најавува и дека преку него научниците ќе може да ги извршат најпрецизните тестови на теориите на Алберт Ајнштајн.

„Ова е моментот кога триесетгодишното патување станува реалност. Првите 10 години беа посветени на развивање на концептите и идеите. Вторите 10 години ги поминавме развивајќи ја технологијата, а во последната декада работевме на деталниот дизајн на телескопот, обезбедување на локациите каде ќе биде поставен и ги убедувавме владите да се согласат да се оформи договорна организација“, изјавил Фил Дајмонд, генералниот директор на организацијата што го спроведува овој проект.

Радио телескопот се гради во области кои веќе се користат за радио астрономија, но во помал обем. Во својата почетна фаза од изградбата, тој има 200 параболични антени и 131.000 диполни антени кои пренесуваат радиобранови а наликуваат на новогодишни елки. Целта е да се изгради ефективна собирна површина од стотици илјади метри квадратни што на телескопот ќе му овозможи неспоредлива чувствителност и резолуција што ќе бидат од корист при истражување на небото.

Системот на радио телескопот ќе оперира на фреквенција од 50 мегахерци до 25 гигахерци што во бранова должина е ранг од центиметри до метри. Ова треба да му овозможи да детектира слаби радио сигнали кои доаѓаат од космички извори на милијарди светлосни години од Земјата вклучувајќи ги и сигналите што биле емитувани пред стотици милиони години по настанувањето на Големата експлозија.

Покрај тоа, едно од најважните прашања кои ќе ги истражува телескопот e историјата на водородот, најраспространетиот елемент во Универзумот.

Очекуваниот финален буџет за целосна изградба на телескопот е 2 милијарди евра, а сегашни земји членки на организацијата што го креира телескопот се Јужна Африка, Австралија, Обединетото Кралство, Кина, Италија, Холандија, Португалија и Швајцарија.

Првото активирање на телескопот ќе биде во 2024 година кога четири параболични антени во Австралија и шест станици со антени во Јужна Африка ќе почнат да работаат синхронизирано како еден базичен телескоп. Доколку ова се покаже како успешен потег, проширувањето ќе премине кон останатите антени и станици.

До 2028, кога треба да заврши и целосната изградба, телескопот ќе може да собира сигнали на 500.000 метри квадратни. Всушност, неговата поставеност со антени на различни места може да продолжи да се шири по што може да ја достигне и посакуваната површина од 100.000 метри квадратни или еден километар квадратен. Сепак, за да се случи ова е потребно повеќе држави да се вклучат кон организацијата.