Започна гласањето на референдум, набљудувачите се на избирачките места, линиите за пријавување неправилности отворени

Утрово започна гласањето за референдум на државно ниво на којшто гласачите треба да се изјаснат на прашањето „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО, со прифаќање на договорот на Република Македонија и Република Грција?“ со заокружување „за“ или „против“.

Право на глас имаат еден милион 806 илјади и 336 гласачи запишани во избирачкиот список. Се гласа на 3.748 избирачки места кои се  отворени од 7 до 19 часот.

Од Јавното Обвинителство информираа дека е формирана посебна комисија која ќе разгледувае вентуални противправности при организирањето и спроведувањето на референдумот.

Во комисијата членуваат по еден јавен обвинител од четирите виши јавни обвинителства и еден обвинител на ОЈО Скопје.

Јавното обвинителство на Република Македонија ја повика јавноста, граѓанските организации, други организации, политички партии, домашни и меѓународни институции и сите кои сметаат дека во некоја постапка има индиции за сторено кривично дело поврзано со организирањето и спроведувањето на референдумот, да достават поднесок или пријава до комисијата.

Референдумот ќе го следат рекорден број домашни и странски набљудувачи, кои денеска ќе бидат распределени на избирачките места и ќе го следат процесот на изјаснување на граѓаните на Република Македонија за референдумското прашање.

Официјалната бројка од Државната изборна комисија на акредитирани домашни набљудувачи е 11.907, на странските набљудувачи е 493, а меѓународните организации акредитирале и 194 преведувачи.

Покрај домашни, референдумот ќе го следат и странски новинари. ДИК акредитирала 83 новинари од 32 медиуми.

Повреда на гласачкото право граѓаните може да пријават до МВР, Хелсиншки Комитет или Народен правобранител.