МВР апелира на гласањето утре да се почитуваат законите

Министерствотo за внатрешни работи апелира до граѓаните, политичките партии и нивните симпатизери, во текот на утрешниот ден (недела 30 септември 2018 година)  да ги почитуваат законите, да се воздржуваат од какви било нарушувања на јавниот ред и мир и било какво нарушување на тајноста на гласањето, како што е фотографирање или снимање.

„Било какво однесување спротивно на законите МВР нема да толерира и веднаш ќе постапи согласно законите. МВР ќе превземе се што е потребно во недела, 30 септември, граѓаните непречено и мирно да го искористат своето уставно право на слободно изјаснување на својата граѓанска волја“, се вели во соопштението.

Оттаму информираат дека е формиран и функционира посебен оперативен штаб, кој кко што велат од МВР, „има надлежност и овластување да превзема мерки и активности со кои ќе биде гарантирано и овозможено уставното право на изјаснување на секој граѓанин“.

Реакцијата доаѓа откако бојкотирачи на референдумот денеска ги снимаат и ги навредуваат гласачите од дијаспората. Снимките објавени на Фејсбук страницата „Предавници“, ги прикажуваат лицата на оние кои гласаат во Мелбурн, Австралија, а јавно се споделуваат и нивните имиња.

На ова реагираше и министерот задолжен за дијаспората Едмонд Адеми, кој информира дека случајот е пријавен до австралиските власти, снимачите се идентификувани и ќе ги сносат сите законски последници согласно тамошното законодавство.