Закуска и вода во автобусите кои превезуваат патници до државните карантини

Во автобусите со кои денеска се превезуваат патници до државните карантини е обезбедена закуска и вода, соопштија доцна попладнево од Владата, по острите реакции на патници кои реагираа дека со часови се оставени без вода, храна и можност за одење во тоалет.

„Подготвени се осумте автобуси со кои ги пречекуваме и превезуваме нашите сограѓани кои ни пристигаат од Берлин со летот во 17:00 часот.  Со дезинфицирана внатрешност, опремени со закуска и вода, возачи со целосна безбедносна опрема, обезбедуваме транспорт до хотелот Цар Самуил во Струмица, каде ќе бидат во следните 14 дена во задолжителен државен карантин“, известија од Влада.

Оттаму им се заблагодарија на своите колеги по институциите кои работат на враќање на македонските државјани дома.

„На нашите сограѓани во карантин им посакуваме здравје и што полесно да го поминат карантинот, а до сите останати сограѓани апелираме да ги следат мерките за заштита и да останат во своите домови“, додаваат од Владата.

Како што веќе пишуваше Радио МОФ, луѓето кои вчера патуваа од Љубљана до Скопје, скоро цел ден беа оставени без храна, вода и можност за тоалет.

Од Љубљана до државниот карантин во Маврово – Без вода, храна и одење во тоалет