Од Љубљана до државниот карантин во Маврово – Без вода, храна и одење во тоалет

Повеќе од седум часа, патници кои се вратиле со хуманитарните државни летови од Љубљана чекаа на паркингот на хотел „Макпетрол“ во Маврово, каде од вечерва ќе бидат сместени во карантин наредните две недели. Во текот на целата голгота, останале без вода, храна и можност да отидат до тоалет.

Меѓу патниците е и младата Сара Ферро, која уште од 15 март планирала да ја искористи својата авионска карта за да се врати во Скопје, но откако летот бил откажан, следна шанса имала по два дена, за до Белград. Сепак, тамошните власти во меѓувреме забранија влез за странци. Следна опција била преку Загреб, но тогаш целосно се укинаа летовите, а скопскиот аеродром се затвори.

„Да знаев немаше да тргнам“, вели Сара, почнувајќи ја нејзината приказна.

„Ни кажаа дека во 13 часот ќе има лет и да дојдеме порано бидејќи ќе треба да се потпишат договори. Малку им беше чудна комуникацијата, бидејќи направија група на Вибер каде вработени во Влада пишуваа и настана хаос, бидејќи секој со своите коментари. Вчера сабајле се јавија од Министерство за надворешни работи да ме прашаат дали потврдувам дека ќе летам. Претходно се пријавив преку Амбасада и преку Министерството, на нивните броеви“, појасни Сара.

Но, и денес кога се појавила на аеродромот во Љубљана, таа не знаела каде ќе биде сместена, ниту колку пари ќе чини летот. На аеродромот, пак, не им биле дадени маски и ракавици, туку внатре во авионот.

Ни во авионот не им кажале каде ќе бидат одведени, туку им било кажано да потпишат договор дека во рок од 15 дена ќе го платат својот билет и изјава дека одат во државен карантин.

„Од тоа само по една копија имаше и тие си ја задржаа и не ни дадоа на нас уште една“, посочи Сара.

Патешествието продолжило кога се симнале на паркингот од скопскиот аеродром, после 14 часот. Ги распределиле во 5 автобуси, но и понатаму без информации каде одат.

„На автобусот прочитав дека пишува Маврово-Макпетрол. Се качивме во автобус како што не поделија, никој не кажа ништо, ни кај одиме, никаква комуникација со никого. Ние слетавме во два, во автобус влеговме некаде во два и пол, до девет бевме во паркинг во Маврово. И не нè пуштија да излеземе од автобус, и не ни дадоа вода и да одиме во тоалет“, се пожали младата патничка.

Сара сега е во една од собите на хотелот заедно со уште една цимерка. Тие сè уште не добиле храна, иако им најавиле. Пред да влезат во собата, им измериле температура и ги дале своите податоци.

„По двајца нè ставија во соба. Баш е мала, немаш каде да мрднеш а не смееш да излегуваш. Немаш растојание, ги двоевме креветите бидејќи беа споени“, опиша Сара.

Собата на Сара и нејзината цимерка

Во хотелот „Макпетрол“ во Маврово, вечерва беше сместен и 20 годишен скопјанец, инаку студент во Словенија. За Радио МОФ раскажува дека од Љубљана полетале во 13 часот, за на аеродромот во Петровец да стигнат еден час подоцна.

„Таму имаше некои проверки од страна на полицијата за пасоши и не подредија во автобуси. Од 15 часот тргнавме од аеродромот кон Маврово, пет автобуси. Отприлика со по 25 патници, барем толку имаше во мојот автобус. Накај 17:30 стигнавме во Маврово кај хотелот „Спорт“, од што автобусите 4 и 5 биле за таму, а ние во автобусите 1, 2, 3 чекавме додека медицинскиот персонал ги провери. Веќе стемнето, стигнавме кај нашиот хотел. Чекавме пред хотелот, не ни беше дозволено да излегуваме. Вода немавме, а храна секој на свој ризик. Почнаа да нè викаат двајца по двајца за пријавување“, раскажува момчето.

Вели дека бил загрижен што сместуваат по двајца патници во иста соба.

„Баш прашав кој е одговорен и зошто баш нè мешаат и нè ставаат по двајца во соба. Сите тресеа рамења, тестови немаше, освен основни прашања како, дали кашлаш суво, дали си имал температура. Од 135 луѓе тука мислам дека само јас сум сместен во еднособна“, додава тој.

Над илјада граѓани се сместени во државен карантин

Сите граѓани кои од странство се враќаат во земјава поради коронавирусот е најавено дека мора да поминат 14 дена во задолжителен државен карантин. Денеска, беше најавено пристигнување на два авиони од Љубљана и Минхен, а вчера во земјава со хуманитарен авионски превоз од Малме и Загреб се вратиле 290 граѓани. Државата го организира превозот, а граѓаните кои патуваат сами си го плаќаат. Сместувањето во државните карантини, пак, е на товар на државата.

„Во моментов вкупно 1082 граѓани се сместени во државен карантин. Досега вкупно 19 објекти се приспособени за оваа намена, а распоредот за сметување го прави Генералниот секретаријат на Владата. Полициските службеници преземаат мерки за обезбедување на транспортот и спровод на лицата од државните граници до објектите како и внатрешно и надворешно обезбедување на државните карантини“, извести утрово (28 март) техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев.

Во меѓувреме, Владата го повтори јавниот повик за хотелите кои имаат над 50 легла, за потребите на формирање државни карантини. Тие што сакаат, можат доброволно да ги отстапат своите капацитети за формирање државни карантини за населението со цел справување со коронавирусот. Од државата ќе може да добијат до 10 евра по легло, по ден. Хотелите кои ќе ги стават своите капацитети на располагање треба да обезбедат три оброци дневно за секој граѓанин којшто ќе користи легло, како и одржување на хигиената во хотелот.

Првите проблеми со организирањето на државниот карантин се појавија кога девет музичари од Битола беа сместени во карантинот во касарната Пепелиште, на Криволак. Тие преку видеа на социјалните мрежи ја алармираа јавноста за субстандардните услови во касарната, а следниот ден од Министерството за одбрана се правдаа дека ваквото сместување било само привремено, за да се направат епидемиолошките прегледи согласно медицинскиот протокол. Музичарите веќе следниот ден беа преместени во реновираниот Завод во Демир Капија.

Е.П/М.К./Ј.Ј.