Луѓето од касарната Пепелиште ќе бидат префрлени во карантин во Демир Капија

Сместувањето во карантин во касарната Пепелиште, на Криволак било само привремено, информираа од Министертвото за одбрана. Лицата сместени таму, денеска ќе бидат преместени на нова локација.

„Центарот за обука во Пепелиште е само привремен простор каде треба да се извршат епидемиолошките прегледи согласно медицинскиот протокол. Тимот на Министерството за здравство утрово ќе ги заврши прегледите по што веднаш лицата ќе бидат преместени во реновираниот Завод во Демир Капија“, соопштија од Министерството.

Граѓаните кои вчера беа сместени во карантинот на Криволак, преку видеа на социјалните мрежи ја алармираа јавноста за субстандардните услови во касарната. Се работи за девет лица кои патувале во Австрија и се вратија во земјава. Реакции за условите и постапките на институциите стигнаа и од граѓанските здруженија.

Од Хелсиншкиот комитет за човекови права изразија загриженост во однос на сместувачките услови за групната изолација за лицата сместени во Центарот за обука во Пепелиште – Криволак.

„Хелсиншкиот комитет за човекови права апелира до надлежните институции, во секој момент, да се имаат предвид човековите права и човековото достоинство, особено кога станува збор за мерки на групна изолација. Условите во овие простории треба да ги исполнуваат домашните и меѓународните стандарди во смисла на пристап до соодветни легла, хигиена, оброци и здравствена заштита. Дополнително, потсетуваме дека согласно член 54 став 3 од Уставот на РСМ, ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба“, реагираа оттаму.

Инаку, според најавите на Министерството за здравство, околу 200 луѓе, македонски државјани кои беа заглавени на унгарско-српската граница требаше да дојдат на Деве Баир со организиран превоз. Тие работеле во ризичните подрачја во Италија и Австрија, a според вчерашната изјава на министерот за здравство, Венко Филипче, сите ќе треба да се сместат во групен карантин во касарната во Пепелиштe, каде, како што рече, се обезбедени сите услови.

Појавата на Ковид-19 коронавирусот предизвика затворање на аеродроми и промени на граничните режими низ светот. Надлежните повикаа граѓаните да се воздржат од патувања во странство.