Законот за социјални претпријатија ќе се донесе, но примената носи нови предизвици

Законот за социјални претпријатија е во финална фаза на подготовка, а со него се предвидува социјалните претпријатија да имаат полесен пристап на пазарот, да бидат поприфатени, повидливи и да бидат самоодржливи.

Ова го вели Сузана Трајковска Кочанковска од Центарот за социјални претпријатија кој вчера го организираше третиот саем на социјални претпријатија каде своите изработки ги претставија над 50 учесници од земјава и регионот.

„Донесувањето на Законот е првиот чекор. Меѓутоа имплементирањето на законот си носи нови предизвици. Сакаме директно да ја почувствуваат поддршката со тоа што ќе им овозможиме правилно да го сфатат законот, кои се нивните права и обврски. Бизнисот бара сериозен пристап, а комбинацијата со социјална мисија му дава една поинаква димензија. Вие треба да изработите производ или да дадете услуга којашто треба да има ниво на квалитет како останатите компании, а да имате вработени коишто имаат многу помала продуктивност. Од друга страна, вие решавате работни места на луѓе коишто се од ранлива категорија, и им давате достоинствен живот со нова перспектива“, појаснува Трајковска Кочанковска.

На Законот кој се ветува години наназад, изминатиот период работеа стручни лица од Центарот и Министерството за труди и социјална политика, а во подготовката покрај поддршката на амбасадата на Република Полска земени се и примери од тамошниот Закон за социјални претпријатија.

„Социјалното претприемништво во Полска има корени од пред 30 години, така да сигурно наредните пет години би биле тие почетнички чекори за да се имплементира законот кај нас. Условите се различни кај нас и во Полска, меѓутоа законското решение е многу напредно, можеби и на ниво на полското“, вели претставничката од Центарот.

Додава е дека иако во последните години го немаше законот, забележале интересни иницијативи на социјални претпријатија.

„Со овој закон тие претпријатија би отишле на некое повисоко квалитативно ниво, би доживеале развој, а новите би стартувале и би учеле и од постоечките и од примерите од Полска“, оптимистични се од Центарот,

Законот предвидува можност за фирма, невладина организација, задруга или друга правна форма да аплицира за добивање статус на социјално претпријатие со што стекнува право да се аплицира за грант, субвенции за вработените, да се ослободи од данок на добивка со исполнување на одредени критериуми.

Центарот за социјални претпријатија нуди и индивидуални консултации за пополнување апликации, појаснување на повици за аплицирање и различни обуки во делот на продажба, маркетинг и формирање на социјално претпријатие. Трајковска Кочанковска како пример ја посочи Општина Босилово каде помогнале социјално претпријатие да обезбеди обуки за дигитален маркетинг за лица за подоцна Општината да ги ангажира за работа.

Обука беше одржана и како дел од вчерашниот саем.

„Им беше дадена шема на бизнис план, апликација, чек листа што треба да ја подготват, како треба да го преформулираат статутот, кои дејности треба да ги изберат кога ќе бараат да бидат социјално претпријатие“, посочи соговорничката.

Потоа на саемот кој беше сместен зад меморијалниот центар на Мајка Тереза, претставниците од социјалните претпријатија им ги покажуваа своите производи на посетителите, а најразличните ракотворби и други продукти ги привлекуваа и минувачите и туристите кои го посетуваат овој дел од Скопје.

Ангела Бошкоска