„Заглави“ реновирањето на музичкото училиште во Битола

Во правни лавиринти заглави реконструкцијата на средното музичко училиште во Битола, која беше најавена пред неколку месеци, по протестите на учениците за катастрофалните услови во кои се следи наставата, објави Телма. Музичкото училиште е под државна капа, а е сместено во гимназијата „Таки Даскало“, која е во надлежност на локалната самоуправа. Тоа го отвори прашањето дали општината или Министерството за образование ја има надлежноста за реконструкција на училишната зграда.

11

-Општината практично нема ингеренции да вложува таму. Таму е сместено училиште кое што нема валиден документ. Убеден сум дека деновиве тоа ќе се заврши, ние ќе дадеме максимална поддршка и ќе ги почитуваме сугестиите на Министерсвото за образование, затоа што единствено од сите средни училишта во градот, само средното музичко училиште е во надлежност на Министерството за образование. Во таа смисла, сигурен сум дека оваа година тоа ќе се реши, можеби ќе помине уште малку време, но без документи сметам дека тоа не треба да го правиме, вели градоначалникот на општина Битола, Владимир Талески.

Пред повеќе од 20 години, гимназијата „Таки Даскало“ со интерен договор отстапи простор за учениците од средното музичко училиште, затоа што зградата каде дотогаш се изведуваше настава не ги задоволуваше просторните потреби. Во стариот објект останаа учениците од основното музичко училиште. Сега како можно решение се предлага преместување на учениците од основното и средното музичко училиште, односно средношколците повторно да се вратат во зградата од која заминаа пред 2 децении.

-Министерството за образование предлага средното музичко училиште да оди во просториите кои со документ се наменети за средно музичко училиште, а основното музичко училиште да оди во простор за кој е надлежна локаланата самоуправа. Ние се согласивме да најдеме простор, можеби овој истиот кој што е во гиманзијата „Таки Даскало“ и да вложиме напори тоа да го средиме, вели Талески.

Во средното музичко училиште во Битола учат 120 ученици кои во февруари годинава го свртеа вниманието на јавноста протестирајќи за условите во кои учат.

Извор: Телма