Во повеќе делови во Скопје, септемвриското утро повторно донесе чад и магла што ги „голташе“ зградите и куќите. Мирисаше на изгорена пластика, гума или ѓубре, како да е длабока зима, па граѓаните повторно мораа да затворат прозор за да „пролуфтираат“ по дома. Освен што беше визуелно и „печеше“ на нос, аерозагадувањето некаде дојде и до црвената зона, што деновиве е причина да продолжат граѓански протести и петиции.

Фото: Air Care / Мета.мк
Според мерните станици, евидентирани и од Air Care и IQAir, утрово највисоки беа вредностите на загадувачките честички во Лисиче, 90 микрограми на кубен метар ПМ 10, но и 45 микрограми ПМ 2,5, што е неколку пати повисоко од препорачана вредност на Светската здравствена организација. Во Гази Баба беа регистрирани 77 ПМ 10 и 32 Пм 2,5. Повисоки вредности на загадување имаше и во Аеродром, Мичурин и Реонски Центар.
Депонијата „Дрисла“ продолжува да чади и денеска, но во многу помал обем, информираше директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов.
„Во текот на вчерашниот ден е затрупан дел од просторот на ‘Дрисла’ од кој имаше чадење. Денес продолжува со засилено темпо, бидејќи вчера беа извршени неколку логистички зафати кои овозможуваат полесен и побрз пристап до критичната точка“, реча тој.
Воедно, тври Ангелов, пожарот на некогашната депонија Вардариште е целосно издаснат и од неа нема чадење.
Откако министерот за здравство Азир Алиу вчера смируваше дека воздухот не претставува опасност по здравјето и истовремено препорача да не се излегува надвор без потреба, а Владата и Министерството за животна средина објавија забрана за движење на Вардариште, денес премиерот Христијан Мицкоски повторно уверува дека се преземаат мерки.
„За Вардариште имаме осомничени лица, кои се приведени и за кои се покажа дека ја користеле илегалната депонија да произведуваат метали, за подоцна нелегално да ги продаваат. Таму од вчера има приватно обезбедување ангажирана од неколку општини, обезбедивме градежна механизација и ќе биде во полн состав и Вардариште е обезбедено, останува Дрисла“, нагласи тој.
За „Дрисла“, Мицкоски вели дека била санирана вчера, но „од некои чудни причини пред крајот на ноќта повторно се распламнала“.
„Денеска таму ќе се позанимава МВР. На линија сме со директорот на Дирекцијата за заштита и спасување и очекувам проблемот да биде саниран. Јас сочувствувам со секој граѓанин кој го чувствува сето ова, но чудно е како во одредени јавни претпријатија каде свои кадри има ДУИ се случуваат вакви работи. И тоа ќе го истражиме, и ќе обезбедиме соодветни докази како пожар кој беше ставен под контрола, одеднаш повторно да се распламти“, рече премиерот.
Граѓаните на улица против црнење на белите дробови
Додека институциите смируваат и тврдат дека загадувањето не е опасно, а различните политички чинители меѓусебно се обвинуваат „кој е виновен“, граѓани упорно се на улица. „Секој ден во шест“ и „Стоп за Вардариште“ е мотото на блокадата што се одвива на раскрсницата на булеварот „АСНОМ“ и „Србија“ во Аеродром, пред мостот „Киро Глигоров“. Таму веќе континуирано ден за ден протестираат локалци, но добиваат поддршка и од останати општини. Млади и стари – граѓани, активисти, доктори, експерти – сите на купче против загадувањето, сите со реакции за горливата состојба.
Веќе формирана е и иницијатива Стоп за Вардариште. Граѓаните бараат итни мерки, екс-депонијата да се обезбедува со физичко присуство од полицијата или армијата, како и со ограда и камери. Исто така, итно да се одвојат пари од општините и централната власт за да се спроведе се’ што е потребно за санација и затворање на Вардариште, согласно еколошките стандарди.
„Да се формира независна комисија за испитување на причините за палењето и одговорноста. Целосна реформа на системот на управување со отпад преку воведување концепт нула отпад“, се меѓу барањата на иницијативата.
Според официјални податоци уште од 2014 година, рекоа од иницијативата, на локацијата се претпоставува дека биле депонирани околу 2.500.000 метри кубни отпад.
„Точното количество на отпадот не се знае, како ни неговиот состав. Анализите укажуваат на високозагадена и контаминирана средина, како и дека покрај комунален е складиран и индустриски отпад. Резултатите од мониторингот уште во 2013/2014 година укажувале на многу негативно влијание врз животната средина, особено врз подземните води“, посочуваат од Стоп за Вардариште.
Стоп за Вардариште бара камери, обезбедување и пари за санација на некогашната депонија
Оттаму, за иницијативата нема сомнеж дека ова не е само еколошко – туку прашање на јавна здравствена безбедност.
„Секој ден без акција значи уште еден ден во кој децата, возрасните и сите граѓани вдишуваат отрови. Ги повикуваме медиумите, граѓанските организации и сите совесни граѓани да се приклучат во притисокот кон институциите за конечно решавање на овој долгогодишен проблем. Доста е! Вардариште не смее повеќе да гори“, соопштија од таму.
„02 Иницијатива“ отвори петиција за „Дрисла“ да стане современ центар за управување со отпад
Досега над 3.500 луѓе се потпишани на онлајн петицијата отворена од еко-организацијата „О2 Иницијатива“, која бара „Дрисла“ да остане во владение на Град Скопје. Воедно, да се трансформира по примерот на Регионалниот центар за управување со отпад во Љубљана, а не да се дава на јавно-приватно партнерство.
„Јавното-приватно партнерство е приказна која цела деценија е тотален неуспех и кривец зошто сме тука кај што сме! Бараме кандидатите за градоначалник на Град Скопје да се обврзат дека нема да формираат јавно-приватно партнерство за управување со ‘Дрисла’ и дека ќе го започнат процесот на изградба на центар за управување со отпад по примерот на Љубљана, со комбинирани финансии од сопствен буџет, буџет на општините во Скопскиот регион, државни средства, ЕУ фондови, кредити со ниски стапки“, стои во петицијата.
Еко-активисите потсетуваат, во Словенија инвестицијата чинеше околу 150 милиони евра, каде 50% беа обезбедени од европски фондови. Изградбата одеше во фази, а јавното претпријатие, велат тие, е самоодржливо и не му се потребни субвенции за да функционира.
„Бараме да се преземе истата стратегија и за ‘Дрисла’ и да престане системот на просто депонирање на отпад. Се угушивме од чадовите на запалени депонии! Доста ни е од застарен начин на постапување со отпадот каде само со трупа во депонии! Премиерот Мицкоски изјави дека повторно ќе направат јавно-приватно партнерство, како претходно, кога ‘Дрисла’ беше дадена на мафијашите италијани во време на Коце Трајановски. За девет години ништо не направија од наведеното во тендерот. Градот Скопје имаше само 20% од сопственоста над ‘Дрисла’“, се вели во петицијата.
Оттука, активистите посочуваат „доста е чекање, доста е некој друг да направи“.
Потсетуваат дека буџетот на Град Скопје за 2025 година е 115 милиони евра, дополнително на сите општини во Скопскиот регион е 231 милиони, а на државата е 5.8 милијарди евра.
„Скопскиот регион создава речиси половина од државниот БДП! Редно е да се вложи назад! Не може и не смее да се дозволи да не се инвестираат 150 милиони евра во ‘Дрисла’ за да стане центар за соверемено управување со отпад, чија цел е нула отпад. Љубљана денес депонира помалку од 5% од создадениот отпад. Чистиот воздух, здравата животна средина, безбедноста на граѓаните на Скопје мора да бидат наш приоритет. Државата и градот заедно со општините од Скопскиот регион имаат одговорност за обезбедување на одржлив, современ и сигурен систем за управување со отпад“, пишува во петицијата.
Бојан Шашевски