Граѓанските организации кои делуваат на полето на загадувањето на воздухот, врз основа на своите истражувања, до Собранието на Република Македонија упатуваат низа препораки и можности кои би придонеле за решавање на горливиот проблем со аерозагадувањето.
Имено, преку извештајот „Улогата на Собранието во намалување на загаденоста на воздухот во Република Македонија“, направен од Блажен Малески од Реактор – Истражување во акција, а во издание на „Еко-свест“, се бара од Парламентот да ја искористи својата надзорна улога и да понуди механизми за ефикасно усогласување на интитуционалните мерки за намалување на аерозагадувањето.
„Организирање на надзорна расправа во рамки Комисијата за транспорт, врски и екологија за алармантната ситуација со аерозагадувањето со цел на утврдување на оперативните предизвици со кои се соочуваат единиците на ЗЕЛС, Министерството за животна средина и просторно планирање, како и Министерството за внатрешни работи кое има клучна улога во спроведувањето на дел од итните мерки кои би имале клучно влијание (пример пар-непар сообраќај)“, стои во препораките во извештајот.
Во име на организациите, преку извештајот се бара воспоставување на Совет за справување со аерозагадувањето при законодавниот дом.
„Во него покрај пратениците би членувале и членови од граѓанските организации, експертската јавност и државните институции кои го мониторираат ефектот од загадениот воздух врз граѓаните и се релевантни за имплементирање на мерките и законите поврзани со амбиенталниот воздух“, стои во документот.
Oрганизациите бараат и дополнување на дневниот ред на втората седница на Собранието, со точка за расправа за целосно транспонирање на европските регулативи кои влијаат врз квалитетот на воздухот во македонското законодавство.
Исто така, препорачуваат и целосно искористување на пратеничките прашања до надлежните министерства за отчет на имплементираните мерки за намалување на загаденоста на воздухот во земјава.
Инаку, во извештајот што е дел од проектот „Заедно за воздух“, во кој се вклучени Еко-свест, Реактор, Аналитика, Центарот за климатски промени, Македонскиот Зелен Центар и ОРТ, е наведено дека во Македонија ситните цврсти честички (ПМ10 и ПМ2,5) се главните загадувачи на воздухот. Во Скопје во изминативе 10 години се направени само две студии за причините за аерозадувањето, меѓу кои неодамнешната која покажа дека домаќинствата учестуваат во со 32%, сообраќајот 20%, уличната прашина создадена од неуредените површини, улична прашина и прашина од градежните активности 19%, а индустријата со 18%.
Освен двете истражувања за цела деценија, во документот е нотиран недостасток и на други сеопфатни анализи за причинителите за загадувањето, како за начините на греење на домовите на целата територија на Македонија (досега има само едно истражување за скопскиот регион), како и детална анализа на регистрираните возила за утврдување на ситуацијата со возилата во државата и нивните европски еколошки стандарди.
„Исклучок е истражувањето направено за скопскиот плански регион од страна на приватната компанија Балкан Енерџи Груп (БЕГ) која што е главниот произведувач на топлинска енергија во Скопскиот регион. Според нивното истражување во 2002 година 35,7% од домаќинствата се загреваат на огревно дрво, по што следат централното парно греење со 33,9% и загревањето со користење на електрични уреди со 29,3%, при што во екстремно мал број се застапени нафтата (0,9%), јагленот (0,2%) и природниот гас (0,01%). Во 2013 година бројот на домови кои се загреваат на огревно дрво се зголемува на 40,4%, додека пак 29,5% од домовите се загреваат со централното греење, со електрична енергија 23,0%, бројот на домови кои се загреваат на нафта се зголемува на 6,9%, се загреваат со јаглен 0,9% и со природен гас 0,2%“, се вели во извештајот.
Организациите сметаат дека централниот систем моментално претставува единствен одржлив начин за загревање на повеќе домови, не придонесува кон загадувањето со ситни честички, па препорачуваат ваквиот начин на затоплување да биде достапен за сите граѓани на Македонија. Прво со намалување на цените, а понатаму со проширување на мрежата за централно греење и во другите делови на државата.
Во однос на загадувањето од сообраќајот, потенцирано е дека во временскиот период од 2010 до 2014 година со одлука на Владата беше дозволено увезување автомобили со ниски европски еколошки стандарди, пред сè Еуро 1, Еуро 2 и Еуро 3. Притоа, мерката беше промовирана како социјална мерка која што ќе им овозможи на граѓаните да ги заменат старите возила кои се без еколошки стандарди.
„Притоа дозволата за увезување на автомобили со Еуро 1 еколошки стандарди важеше од март 2010 година до октомври 2010 година. Во тој временски период биле увезени повеќе од 40.000 возила, што било дваесет пати повеќе отколку во претходната година. Возила со Еуро 2 еколошки стандарди се увезуваа до септември 2014 година, додека Еуро 3 возила се увезуваа до јуни 2015 година. Иако нема официјални бројки за тоа колку автомобили со Еуро 2 и Еуро 3 еколошки стандард се влезени во Република Македонија, постојат процени дека околу 150.000 автомобили со Еуро 2 стандард се увезени во Македонија. Ваквите проценки укажуваат на тоа дека еколошките стандарди на автомобилите од Македонија и понатаму ќе бидат значителен чинител во загадувањето на воздухот во Македонија“, пишува во документот.
Понатаму, стои во извештајот, во 2017 година наведените дозволени надминувања и гранични вредности не само што се надминуваат, туку вкупната годишно дозволена вредност се надминува во текот на првите три месеци од годината. Тоа укажува на алармантната ситуација со дневното загадување, особено во зимските месеци кога граѓаните ги греат своите живеалишта.
Институтот за јавно здравје на Македонија во своето соопштение од септември 2015 година наведува дека „иако примарен орган кој страда од аерозагадувањето се белите дробови и кардио-васкуларниот систем, речиси нема орган кој не трпи последици од влијанието на високите концентрации на ситни честички во воздухот и тоа најчесто кај осетливите ранливи групи како што се децата од 0 до 5 години, стари лица, хронично болните, болните од астма, лица кои работат на отворен простор, но и пушачите кај кои ризикот од појава на сериозни срцеви оптоварувања се зголемуваат и до 3-4 пати”.
Според податоците достапни на Институтот за здравствена метрика и евалуација (ИЗМЕ), Македонија во 2015 година има натпросечни вредности кај неколку категории на болести кои што причиниле предвремена смрт кај граѓаните, а се поврзуваат со загадувањето во воздухот: цереброваскуларни заболување (најчесто манифестирани преку мозочни удари), Исхемична срцева болест (намалена оперативност на артериите и откажување на срцето), предвремено породување и кардиомиопатија (проширување на срцето).
„Дополнително на тоа, извештајот на Светска банка под наслов ‘Цената на аерозагадувањето’ од 2016 година, анализира дека во 2013 година 1.293 луѓе од Македонија починале поради причини директно или индиректно поврзани со загадувањето на воздухот. Институтот за јавно здравје на Македонија пак во 2012 година во студија изнесува дека приближно 1.300 луѓе умираат од болести поврзани со аерозагадувањето и пресметува дека загадувањето со цврстите честички ја чинело македонската економија 253 милиони евра, што е 3,2% од БДП од 2011 година. Со оглед на кредибилните извештаи од странски институции и домашни институции за ефектите и смртноста на загадениот воздух во Македонија, потребата од итни мерки кои ќе допринесат за намалување на загаденоста до граничните вредности на краток, среден и долг рок е алармантна. Притоа мора да се напомене дека ниту една државна институција или локална самоуправа не е во можност самостојно да го реши овој проблем, бидејќи причините на аерозагадување влегуваат во опсегот на работа на повеќе национални и локални институции. Оттаму, потребен е висок степен заедничка соработка меѓу институциите за целосно решавање на овој проблем. Во подобрувањето на оваа соработка Собранието може и треба да има клучна улога и од аспект на носењето на законите и од аспект на надгледување на работата на извршната власт, но и преку нудење алатки за ефикасно координирање помеѓу институциите“, се вели во извештајот.
Б.Ш.