Забрана за групирање на повеќе од 4 лица на јавен простор после 21 часот, одлучи Владата

Одлука за забрана за групирање на повеќе од четири лица на јавен простор после 21 часот, со цел спречување на ширењето на коронавирусот, донесе денеска Владата на Република Северна Македонија, објави премиерот Зоран Заев на неговата Фејсбук страница.

Меѓудругото, донесена е и одлука да се скрати работното време на угостителските објекти до 21 часот, освен за достава и шалтерска продажба на храна, стои во објавата. Ваквата одлука, како што се допрецизира, важи и за угостителските објекти на бензиските станици, а од мерката се исклучени угостителските објекти на аеродромите во Скопје и Охрид.

Исто така, Владата усвоила и препораката, сите домашните и странски граѓани на територијата на земјава, после 21 часот да не се движат на јавен простор, доколку немаат важни и неопходни потреби за тоа.

Во текот на минатата недела, во Собранието се изгласаа нови мерки против коронавирусот, со кои се забрани групирањето на јавен простор во одредени периоди од деноноќието, а за тоа предвидената казна беше одредена на 500 евра.

Од министерството, тогаш информираа дека на нивен предлог, Владата одлучува кои од мерките ќе се применат, во кои случаи, како и во кој временски период.

Исто така, тогаш беше усвоено и задолжително носење маска на отворено, а со измените беше регулирана и самоизолацијата по тестирање за Ковид-19.

Вкупната бројка на дијагностицирани со Ковид-19 во С. Македонија од почетокот на епидемијата изнесува 32.997 лица.

Во Собранието се изгласаа новите мерки против коронавирусот – задолжително ќе е носење маска на отворено