„Заборавивме дека постои“ – Што се случи со Националната платформа за онлајн учење?

„Горди сме што за прв пат создадовме единствена Национална платформа за онлајн учење, што ја креиравме исклучиво со домашни ресурси и експерти. Ова нѐ охрабрува, но и ни дава дополнителен поттик за нејзино усовршување и прилагодување на потребите на секој ученик во нашата држава“. Вака, премиерот Зоран Заев ја најави новата платформа за учење на основците и средношколците, само неколку дена пред почетокот на школската година, која годинава за првпат почна на 1 октомври, во време на пандемија.

Ама Националната платформа за онлајн учење падна уште првиот ден кога беше пуштена. Проблемите продолжија и во следните денови. Па така, наместо логирање на платформата, како простор за одржување на онлајн предавањата, за тестови, за прикачување материјали…најголем дел од учениците и наставниците онлајн наставата почнаа да ја следат директно, преку конференциската платформа Мајкрософт Тимс.

„Се вклучуваме на Тимс пред часови, ние сме цело време вклучени, а според часовите, директно се вклучуваат и исклучуваат професорите“, вели за Радио МОФ деветооделенец од Скопје. „Националната платформа не ја користиме, освен по географија, за некои тестови. Ама, многу е бавна и паѓа“.

Според анкетата која ја направи на Инстаграм Радио МОФ меѓу средношколци, од од 3о8 анкетирани, 169 рекле дека никогаш не ја користеле плаформата, 61 ја користат „многу малку“, а само 78 одговориле дека редовно ја користат. И нивните одговори, како оние на деветооделенецот, покажуваат дека учениците се жалат дека платформата се блокира, покажува грешка при логирање, честопати паѓа…

„Заборавивме дека постои платформата, искрено“, вели една од средношколките кои ја одговорија анкетата.

Според Истражувањето на Здружението Лидери за едукација, активизам и развој – ЛЕАД, за текот на далечинското учење во првото полугодие од учебната 2020/2021 прва година, во само 9% од случаите наставниците посочиле дека ја користеле Националната платформа за одржување на часови.

„Причините за тоа е нејзината нефункционалност, односно зачестените технички проблеми. Имено, преку нашите интервјуа со наставници од целата земја покажаа дека иако платформата имала одлични опции за користење, наставниците се соочувале со кочење и проблеми при одржувањето на часовите“, велат од ЛЕАД.

Од друга страна тие додаваат дека наставниците имаат потреба од функционална платформа,  бидејќи таа овозможува различни опции на едно место од одржување на часови па се до квизови и тестови.

„Гледано од оваа ситуацијата, каде што постојат големи шанси од септември 2021 година да продолжи далечинската настава, потребата за функционална Национална платформа треба да биде приоритет на МОН“, децидни се од ЛЕАД.

Никола Делевски, е еден од наставниците кои секојдневно ја користат оваа платформа. Тој беше и еден од обучувачите пред почетокот на година, несебично споделувајќи го своето знаење со останатите колеги, не само на обуките, туку и подоцна, во текот на полугодието.

„Националната платформа за учење на далечина ја користам на секој наставен час и таа ми помага во многу аспекти од наставата. Бидејќи на неа се поставени сите материјали кои учениците ги користат пред, за и по наставниот час. Оценувањето на учениците исто така го спроведувам на платформата. Проблемите на кои наидувам се од технички аспект со кои се соочуваат учениците, најмногу слабата интернет врската кои тие ја имаат“, забележува тој.

Додава и дека предноста на користењето на платформата е голема  бидејќи  овозможува во исто време и сихрона и асихрона наставна комуникација со учениците и следење на напредокот на секој ученик. Притоа забележува дека преку неа, секоја активност, изработка и оценување е автоматски евидентирано во  дигиталното ученичко досие кое го има на платформата.

„Мислам дека користењето на Националната платформа не е проблем туку предизвик за секој наставник, бидејќи тоа е систем кој се развива и бара совладување на нов начин на работа во наставата“, вели професорот Делевски.

Од Министерството за образование и наука не дадоа одговор на што се должи слабото користење на Платформата која беше најавена како револуција во наставата на далечина во Македонија. Ниту пак појаснуваат дали ќе се работи на нејзино подобрување. Единствено посочуваат дека и во услови на пандемија е „овозможено правото на образование на секое дете“.

„Првото полугодие го завршивме со над 90% од учениците кои успешно следеа онлајн настава. Обезбедено е и следење на 15 минутни часови на македонски и албански јазик, на Националната телевизија. Дополнително, наставниците се во постојана комуникација и доставуваат печатени наставни материјали на учениците кои не се во можност наставата да ја следат на далечина. Бројот на ученици кои со успех следат онлајн настава во второто полугодие расте како резултат на активностите на МОН, локалните самоуправи, раководствата на училиштата, граѓанските организации и општествено одговорните компании, за обезбедување на потребните уред и ИТ опрема за учениците“, велат од МОН.

Запрашани за тоа дали се планираат некакви промени во наставата на далечина за следната учебна година, за која има голема веројатност да продолжи онлајн, од МОН кусо одговараат.

„Планот и протоколите за организирање на учебната година се покажуваат како добро обсмислени низ еден инклузивен пристап со учество на бројни засегнати чинители, а првенствено врз основа на препораките на Комисијата за заштита на заразни болести и истите доследно се почитуваат. Така што овој успешен модел на образование продолжува да се применува и понатаму“.

Од ЛЕАД пак имаат поголеми очекувања и додаваат дека има голем простор за подобрување на наставата. Затоа бараат задолжителна евалуација на наставата во сите училишта на ниво на цела територија, обука за спречување на интернет насилство за наставниот кадар, но и формирање работни групи од наставници по специфични предмети кои ќе придонесат за поквалитетно адаптирање на програмите за далечинско учење. Дополнуваат дека е неопходно обезбедување субвенции за наставници за набавка на техничка опрема за изведување на наставава на далечина, како и нивно обучување за интерактивно спроведување настава.

И професорот Деловски обуките ги издвојува како многу важни за подобрување на наставата на далечина.

„За поефикасно учење на далечина мое мислење е дека треба да се спроведат поголем број на обуки за начинот како се изведува настава на далечина, а со тоа самите наставници ќе стекнат доволни компетенции за поуспешно изведување на истата“, додава тој.

Ј.Ј.