„Waltz in Wires“ издаде нов краток албум за „Шарла“

Најновото издание на независниот издавач „Шарла“ (Sharla) e EP-то на „Waltz in Wires“ наречено „Празна соба“.

„Четири нови ствари за Санел Ајрулоски и неговата омилена екипа охридски мајстори на звукот“, велат од „Шарла“.

Помеѓу другите, во „празната соба“ свири и темата „Јуда“, која е обработка на македонските постпанк/дарквејв пионери – „Мизар“.

Музиката и текстовите се на Санел Ајруловски. Продуцент на изданието е Бранислав Настоски. Автор на слики од омотот е Илија Маџиров, додека за дизајнот на омотот задолжен беше Владимир Трајановски.

„Празна соба“ може да се преслуша и поддржи преку платформата „Бендкемп“.

Во прилог, го пренесуваме целиот текст што оди рака под рака со албумот:

„Празни соби насекаде, извесни споменици на просторот за оние што заминаа. Ги оставија како сираци во тишината, кротка празнина што некогаш беше воздишки и музика. Денес е повторно топол ден, едно ветре шета мирис на маалско цвеќе во истиот мај кога се љубеа, прозорот сега не дава да влезе. Ништо.

Внатре остатоци, ѕидови од книги со кои се бега од светот, на полици со групни насмевки од средно и понекој драг предмет наоколу, мементо во прашината. Во ќошот истрошен чадор на расклопување со натпис од некое претпријатие, покрај него некаков неисправен инструмент, можеби гитара облечена во истата прав, ако така се договориме. Во плакарите износени патики, погоре купишта стар џинс и излижани маици од омилени бендови. Само оние со Revolver и Daydream Nation можат да се препознаат дека биле тоа. Нивната семантичка врска е иронија исто колку и случајност. Стварноста е стварно јуда. Дека заминаа точно таму, кон албумите на нивната младост, во челуста на безброј мали илузии какви музиката лесно измислува создавајќи конфузија со реалноста. Истата уста што им го понуди гласот како крик, да станат луѓе. Годините притискаат, коските стануваат кршливи, историјата лаже. Само организираниот труд е факт, суров чин на реалноста, копиле на вистината што ја немаше во албумите во младоста, ниту во книгите. Ниту во играта на детскиот маалски џагор, птиците што го посматраат, природата од која се одметнале за да бидат тука. За да ни ја покажат небесната шир кога ќе летнат од досада, за да ни кажат за слободата. Онаа што живее затворена и заборавена како ѓердан од спомени во празната соба на нечија потрошена младост. Ќе ја наречеме орхидеја“.