Второ издание на „Клинци“ – младинско книжевно читање и изложба во петок

Младите автори Викторија Ангеловска, Драгана Стојадиновска, Софија Тодоровска и Дамјан Златановски ќе читаат на второто издание на серијалот книжевни читања за млади – „Клинци“.

Читањето ќе се одржи во петок (1 март) во скопската Европска куќа (Europe House Skopje) со почеток во 20 часот, а под слоганот „Некои ќе речат, а можеби и ќе викнат, гордо ќе кажат ‘Порано младите беа подобри…’“.

Покрај книжевните творби, публиката ќе може да ја погледне и изложбата на младиот уметник Бојан Ѕвездаковски. 

„Инспирирани, испровоцирани, поттикнати од таквите мудри изреки, почнуваме со еден нов концепт на книжевни читања наречен ‘Клинци’. Секое издание ве запознаваме со четворица млади автори кои штотуку влегуваат во книжевната сцена, ве запознаваме со нивната поезија и проза, а секое издание ќе биде дополнето и со изложба!“, велат од младинското здружение „Култура Бета“ кои се организатори на настанот.

Модератор на настанот ќе биде Андреј Медиќ Лазаревски.