Вработени на ЕЛЕМ го чистеа Дебарско езеро, иако тоа не е нивна обврска

Заврши акцијата за чистење на отпадот од Дебарско Езеро што ја организираше ЕЛЕМ. На површинските води и брегот на Дебарско Езеро, во делот од Косоврашки до Мелнички мост, повеќе го нема отпадот. Во средината на ноември, езерото наликуваше на контејнер за отпад, а тоа го потврдуваа и бројни фотографии на локални активисти.

За време на акцијата се собрани и транспортирани во дебарската депонија околу илјада вреќи отпад, пред се пластичен, како и стари апарати за домаќинство и над 230 метри кубни дрвен отпад.

„Вработени од Хидроенергетскиот систем (ХЕС) „Црн Дрим“, кој ги опфаќа хидроелектраните „Шпилје“ и „Глобочица“ во изминатите две недели беа максимално ангажирани во правец да се спречи еколошката катастрофа која му се закануваше на езерото, во што и успеаа иако тоа не е обврска на ЕЛЕМ. И оваа, како и акциите спроведени изминатите години, се во рамките на техничките можности и грижата на ЕЛЕМ да се има чиста езерска вода и околина“, изјави Тони Маркоски, директор на ХЕС „Црн Дрим“.

Од компанијата апелираат до жителите од регионот на општините Дебар и Центар Жупа и подрачјето на Река, каде минува Радика, да не фрлаат отпад насекаде, туку да водат поголема грижа за заштитата на животната средина. Сепак, според активистите суштината на овој проблем е во немањето на стратегија за третирање на отпадот во Националниот парк Маврово. Тие бараат од надлежните трајно решение за еколошката катастрофа која се повторува секоја година.

Отпад наместо вода во Дебарско езеро, општината осум години го решава проблемот