Отпад наместо вода во Дебарско езеро, општината осум години го решава проблемот

Дебарското Езеро е најбогато со вода од сите вештачки езера во Македонија. Ова стои како интересен факт кога ќе се обидете да најдете информација за него, но во изминативе осум години, реалната слика е сосема поинаква. Езерото сè повеќе наликува на контејнер за отпад, а тоа го потврдуваат и бројни фотографии кои секоја година пристигнуваат до медиумските редакции.

Гоце Љубиноски од Центарот за одржлив развој на заедницата – Дебар постојано алармира за лошата состојба, а оваа година, тој вели дека на езерото му се случува еколошка катастрофа.

„Проблемот доаѓа од дивите депонии на руралните средини кои се долж течението на реката Радика, од општина Маврово и Ростуше, каде што го фрлаат отпадот и самите атмосферски води, дождови и снегови, отпадот го слеваат во реката и доаѓа до Дебарското езеро“, вели тој за Радио МОФ.

Но, како што посочува Љубиноски, суштината на овој проблем е во немањето на стратегија за третирање на отпадот во Националниот парк Маврово.

„Упатуваме апел до општината Маврово и Ростуше и до Министерството за екологија, да се направи стратегија за третирање на овој отпад, кој претставува проблем и кој го загадува Дебарското езеро. Пластичниот отпад се забележува на површината, но што е најтрагично, ѓубрето како конзерви, шишиња, алишта, пелени.. паѓаат на дното на Дебарското езеро и иако е незабележливо, капачите постојано се жалат на инциденти“, нагласи тој.

Реагирале со соопштенија и писма, но ставот кој постојано го слушале од надлежните во општината бил „ќе видиме, ќе решиме“.

„Никој не презема ништо, ова веќе е седма, или осма година по ред како што е алармантно, но ова сега е кулминацијата, бидејќи на неколку стотини метри квадратни, врие од пластичен отпад на целата површина“, смета Љубиноски.

Сепак, според него, јасно е дека несовесните граѓани дополнително придонесуваат овој проблем да се зголемува секоја измината година, но тој го оправдува овој чин, потенцирајќи дека жителите од реканските села немаат друг избор, освен да го фрлаат отпадот во диви депонии.

Побаравме објаснување и од секретарот на општина Дебар, Или Мирзо. Тој во изјава за Радио МОФ вели дека проблемот ќе се реши и рече дека медиумите се тие кои преувеличувале.

„Ние ќе преземаме мерки сè што треба, ќе го исчистиме отпадот, е сега, медиумите го прават своето. Значи, не е толку голем проблемот, колку што е претставено. Посериозно е оваа година, но ние во соработка со невладини организации и Јавното комунално претпријатие ќе го исчистиме, не е проблем“, рече тој.

Дебарското Езеро е познато по тоа што е богато со риба и претставува една од омилените дестинации на љубителите на риболовот. Исто така, неговата вода се акумулира за Хидроелектричната централа „Шпиље“. Кога езерото не е во толку очајна состојба, тоа примамува голем број туристи. Убавината на езерото е прикажана и во следното видео, кое корисник го споделил на Јутјуб.

Е.П