#Поларис: Вовед во Star Trek

Сигурно некогаш, во некој период од животот, кога сте си одвоиле малку одмор од некоја работа и тој одмор сте го посветиле на гледање телевизија на некој од македонските ТВ канали, постоела шанса да сте фатиле сцени од серија која претежно се одвива во вселенски брод кој личи на сребрено-бела чинија со два WARP мотористични цилиндри, чиј екипаж е претежно составен од луѓе (повремено има и хуманоидни вонземјани) облечен во едноставни црвено-црни, сино-црни или жолто-црни униформи, како користат мали интересни направи за испитување на материјали или феномени, и каде се одвиваат интересни работи кои може да ги поделиме на локација палуба-палуба или палуба-локација надвор од бродот. Во тој случај сигурно сте погледнале барем една епизода од Star Trek, научнофантастична серија која остави трајно наследство и влијание во светот, почнувајќи пред малите ТВ екрани и кино сали, и проширувајќи се во светот на литературата, стрип уметноста и видео игрите.

Star Trek е огромен феномен и невозможно е само во еден текст да се срочат сите можни серии, филмови, книги, стрипови и игри. Меѓутоа премисата е иста – во далечната иднина, попрецизно 23-от век, човештвото е дел од Sвездената Федерација, надминувајќи ја нашата планета Земја и локалниот Сончев систем, во потрага по нов живот, нови цивилизации, и храбро да оди на места кои досега никој не ги истражил. Ваквите мисии на Федерацијата ги извршуваат посебни sвездени бродови со мандат да ги прават посебните истражувања во непознатите предели.

Првиот брод од таков тип со кој се имаме запознаено е USS Enterprise од оригиналната серија од 60-тите кој е претставен во неколку инкарнации во различни Star Trek серии: The Original Series, The Next Generations, Enterprise, Discovery и Strange New Worlds. Во неколку Star Trek серии, фокусот е пренасочен на други бродови како ST Voyager и Discovery, или на стационирана вселенска станица како Deep Space 9, но сите овие наслови имаат заедничка нишка: свет во кој преовладува оптимистичка иднина, каде човештвото ги надминува своите конфликти за создавање свет кој ќе се базира на меѓусебна соработка, отстранувајќи ги сиромаштијата и гладот, каде личната потрага по богатство и алчност е оставена во минатото и каде подобрувањето на сеопштата човечка состојба и истражувањето на вселената е новиот поттик кај луѓето. Нормално, ваквата иднина е од перспективата на капетанот на бродот на Федерацијата, придружуван од својот верен и интересен екипаж.

Речиси секоја генерација  израснала со својот омилен капетан и екипаж. За оние од 60-тите и 70-тите тоа е капетан Џејмс Тибериус Кирк со Спок и Мек Кој, за мојата генерација од 80-тите тоа е капетан Пикард со Рајкер, Дата и Ла Форџ, за 90-тите тоа се Сиско (Deep Space 9) и Џејнвеј (Voyager) итн. Секоја серија си има своја интересна историја на продукција, си има добри и лоши епизоди, со една голема предност – епизоден формат. Што значи тоа? Не е неопходно да се гледа серијата хронолошки со оглед на тоа дека мноштвото епизоди си се посебна приказна, со исклучок на сезонски финалиња, како и најновите ST серии (Discovery, Picard).

А кој ја има заслугата за овој богат универзум стар над 50 години? Лусил Бол, позната по успешниот американски ситком од 50-тите, I Love Lucy. Е сега, добрите познавачи на Star Trek знаат дека Џин Роденбери е главниот креатор на Star Trek, но има добра причина зошто ја спомнувам „лудата“ Луси. Роденбери, голем фан на класичните сф авантури од американските палп сф списанија имал замисла да создаде нешто налик на вселенски вестерн со свои својствени вселенски каубојци, бандити, војници итн. Идеите постепено му се менувале низ годините за конечно да направи едно финално воспоставување на контурите на оваа негова се уште нереализирана авантура – екипаж на вселенски брод кој храбро оди во нови, неистражени, егзотични и опасни пространства на вселената.

Првото сценарио за потенцијалната пилот епизода било насловено The Cage. Со завршено сценарио останал најголемиот предизвик – наоѓање на студио и ТВ мрежа која ќе го поддржи и финансира проектот. Во 60-тите години во минатиот век во тогашните американски продукциски куќи обично доминирале вестерни, воени драми и ситкоми, па идејата за научнофантастични авантури во вселената им била непозната на директорите. Роденбери се обидувал да ја продаде својата идеја кај многумина, но безуспешно. Конечно, после многу обиди, Роденбери имал уште една шанса за реализација на сценариото – му бил овозможен работен состанок со Луси Бол, sвездата на I Love Lucy. Луси во тој период живеела на славата на серијата што ја вивнала на врвот и финансискиот успех и овозможил да создаде своја независна продукциска куќа под името Desilu Productions. Иако била збунета после првото читање на сценариото, на крајот ја прифатила понудата од Џин Роденбери да го поддржи проектот од неговите соништа. Луси ја доставува идејата до Paramount и CBS – и остатокот е историја.

Во 1965 година NBC ја емитува пилот епизодата насловена The Cage каде ја следиме приказната на Кристофер Пајк, капетан на USS Enterprise на мисија на планетата Ригел 4. После пилотот, Џефри Хантер, актерот кој го толкувал Пајк ја напуштил серијата, за потоа ликот Пајк да биде заменет со Кирк, кој бил глумен од канадскиот актер Вилијам Шатнер. Токму динамиката на Вилијам Шатнер, заедно со Леонард Нимој (вулканскиот командант Спок) и Дефорест Кели (бродскиот доктор Мек Кој) овозможила оригиналната Star Trek серија да има три целосни сезони, што за тоа време се сметало за голем успех во време на фаворизирање на други жанровски серии и фимови.

Иако ST: The Original Series згаснала во 1969 година (можеби повеќе или помалку случајно во годината кога Нил Армстронг и Баз Олдрин станале првите луѓе кои стапнале на месечината), нејзината популарност не исчезнала. Напротив, многу светски ТВ станици ги репризирале епизодите, создавајќи голема и стабилна база на фанови кои подоцна го добиле прекарот Trekkies (трекери). И како што TOS не е последното од Star Trek, така и овој текст нема да биде крајот на моето излагање за оваа серија, бидејќи во иднина ве очекуваат осврти и ретроспективи на различни Star Trek епизоди кои оставиле свој печат низ годините. А дотогаш, live long and prosper.

Марјан Болтевски

Марјан Болтевски е долгогодишен водител на „Поларис“, емисија за научна фантастика, фантазија и хорор која оди во етерот на Радио МОФ. Оваа емисија стана негова традиција од 2014 година, со нови содржини и за наредниот период, како и проширување на активностите во областа на пишаниот збор со рецензии, осврти и ретроспективи. А, покрај вообичаените „осомничени“, тој ќе се труди да развие и навика на правење утрински склекови.