[Галерија] Нема сапун за студентите по медицина, тоалетите се во лоша состојба

Веќе подолг временски период студентите од Медицинскиот факултет се соочуваат со лоша хигиена во тоалетите. Тие преку Студентското собрание во неколку наврати се обраќаат до Деканатот за да се реши проблемот со хигиената во тоалетите, но од Деканатот не добиле повратна информација или решение.

Читатели до редакцијата на Радио МОФ испратија фотографии од тоалетите и велат дека студентите од Медицинскиот факултет се лишени од нивна употреба.

„Тоалетите се буквално на најниско ниво, не се чистат речиси никогаш, се шири реа од неиздржлива смрдеа, вратите од тоалетите не се заклучуваат, а во некои дури нема ниту светло. Исто така имаме проблем и со снабдувањето со тоалетна хартија и сапун за раце кои ги нема во ниту еден од тоалетите на факултетот“, пишуваат до Радио МОФ.

Претседателот на Студентското собрание на Медицинскиот факултет, Марио Петрески, ја потврдува незавидната состојба во која се наоѓаат студентите.

„Проблемот со тоалетите на Медицински факултет е огромен. Имаме три тоалети во кои што не се одржува редовна хигиена. Има константен одвратен мирис, нема топла вода, сапуни и тоалетна хартија“, вели тој.

Петрески вели дека неколкупати безуспешно го пријавиле овој проблем во Деканатот. Објаснува дека состојбата на тоалетите е резултат на несогласувања помеѓу факултетот и фирмата која го има добиено тендерот за чистење. Решението, додава, било одложено бидејќи Медицинскиот факултет нема одобрение од УКИМ да вработи лица кои би биле одговорни.

„На студентите по медицина задолжително им се потребни тоалети поради тоа што константно доаѓаат во директен и индеиректен контакт со болни луѓе и мора да им се овозможи место каде ќе ја одржуваат својата лична хигиена (миење на лице и раце) и ќе ги извршуваат физиолошките потреби. Приморани сме да ги користиме службените тоалети кои што некогаш не ни е дозволено да ги користиме“, вели Петрески.

Заробено од бирократијата, Студентското собрание самостојно се обидело да го реши проблемот со хигиена, купувајќи средства за чистење, но повеќе од јасно е дека тоа не е долготрајно решение за проблемот.

Радио МОФ побара коментар и од Деканатот на Мединцинскиот факултет.

Пред извесно време, група млади под хаштазите #НемаСапун / #SkaSapun, започнаа онлајн кампања преку која ги обележуваат јавните училишта и факултети кои немаат сапун во тоалетите.

#НемаСапун – Млади почнаа онлајн кампања за лошите хигиенски услови во училиштата

Радио МОФ минатата година алармираше за ваков проблем и во кампусот на УКИМ.

УКИМ гради академска иднина без тоалетна хартија и сапун

Ивана Смилевска