УКИМ гради академска иднина без тоалетна хартија и сапун

Скршени врати, празни кутии за течни сапуни и недостиг на тоалетна хартија – ова е сликата од повеќето тоалети на кампусот на УКИМ каде се наоѓаат факултетите за општествени науки. Дел од студентите на Правниот, Филозофскиот и Филолошкиот факултет со кои разговаравме, велат дека немаат видено основни средства за хигиена во санитарните простории.

„Условите се никакви, никогаш нема сапун ниту тоалетна хартија, самите си носиме од дома. Дневно поминувам 4 часа на факултет, а немам услови за извршување на основните потреби. Цел факултет заедно со тоалетите треба да се реновира.“, вели за Радио МОФ една студентка од Филозофскиот факултет.

Но глетката не е ваква  само таму туку и во соседната зграда, на Правниот факултет.

„Си носам марамчиња од дома. Тоалетите не се чисти, исто како и повеќето јавни институции. После сите пари кои ги плаќаме на факултетот редно е да ни се задоволат барем основните барања и хигиената во тоалетите“, вели нејзина колешка од Правниот факултет.

Филозофскиот и Филолошкиот факулет делат иста зграда. За надлежните поделени се и тоалетите, но студентите не знаат кој тоалет на кој факулет припаѓа. Единствено забележуваат дека во кој тоалет и да отидат, ретко ги има основните средства за одржување хигиена.  Радио МОФ побара одговор од деканатите на двата факултети.

Од деканатот на Филозофски факултет велат дека од буџетот за хигиена издвојуваат 315.000 денари (околу 5200 евра) на годишно ниво. Со нив одржуваат пет тоалети во кампусот на УКИМ, а факултетот поседува спрат и во зградата на Педагошкиот факултет, и спрат од Светлост, каде се сместени институтите за Безбедност, одбрана и мир, Социјална работа и социјална политика.

„На дневно ниво хигиената се одржува повеќе пати во текот на денот, а средства за хигиена се ставаат по два пати во денот (во утринските и попладневните часови). За хигиената на тоалетите се задолжени три хигиеничарки кои уредно и навремено ги завршуваат зададените задолженија“, велат од деканатот.

Од деканатот дел од вината за состојбата на тоалетите наоѓаат во однесувањето на студентите. Според деканот, Ратко Дуев, неколкупати годишно повикуваат служба за санација на канализацијата  поради несовесно фрлање на тоалетната хартија и хигиенски средства во одводите.

„Поради ниското ниво на општествена одговорност, намерно оштетување на тоалетите, и упатените поплаки на студентите за хигиената во тоалетите, како декан ги повикав на средба за да ја увидат состојбата, при што делегација на студентите да ги посетат тоалетите во 7.30 ч наутро, кога хигиеничарките завршуваат со средувањето и во 16 часот кога завршуваат поголемиот дел од обврските на студентите. Резултатите се поразителни. Договорено беше да се вклучат и тие во акцијата на ФЗФ за подигање на свеста на младите за заедницата и за општествената одговорност,“ посочува Дуев.

Од Деканатот на Филолошкиот факултети информираат дека тоалетите ги одржуваат минимум двапати дневно во прва и втора смена. Се жалат на недостигот на хигиеничарки, но потенцираат дека иако просторот е обемен, со максимални напори водат сметка за хигиената на целокупниот простор.

„При дополнителна проверка или реакција, доколку поради несовесно однесување на поединци се констатира недостиг на средства за лична хигиена (тоалетна, сапун), веднаш се интервенира и се обезбедуваат нови средства,“ наведуваат од Филолошкиот факултет.

Од Правниот факултет пак нагласуваат дека и покрај застарената санитарија хигиената се одржува редовно, а секојдневно се става течен сапун и тоалет хартија во јавните тоалети.

„Но, за жал, соочени сме со тоа дека од страна на корисниците (студентите и други лица кои го користат тоалетот, а чија бројност е зголемена поради затворањето на дел од пристапите до кампусот поради градежни работи) истите се земаат или се трошат нерационално и неекономично“, велат од Правниот факултет.

Радио МОФ во кампусот на УКИМ

Екипата на Радио МОФ во месец мај неколкупати го посети кампусот на УКИМ. Она што нашата екипа го забележа беа празните кутии за сапун и отсуството на тоалетна хартија. И во зградата што ја делат Филолошки и Филозофски факултет, и на Правниот факултет. При секоја наша посета во кампусот, глетката беше идентична.

Единствено различна е состојбата на Економскиот факултет, каде тоалетите се во прилично добра состојба, а има сапун и тоалетна хартија.

Тоалет на Економски факултет

За тоа со какви ризици се соочуваат студентите, во случај кога немаат достапни основни хигиенски средства во тоалетите, побаравме одговор од Институтот за јавно здравје.

„За одржување на добро здравје и превенција од цревни заразни болести поврзани со водата, санитацијата и хигиената потребно е да се исполнети соодветни стандарди за одржување на личната хигиена во тоалетите на јавните институции. Потребно е да има чешми со безбедна вода за пиење, како и сапун за правилно миење на рацете после користење на тоалет. Секако потребно е да има и хартија или уред за бришење/сушење на рацете после миење“, велат од Институтот.

Оттаму додаваат дека, доколку не се одржува редовно и правилно личната хигиена можна е појава на Хепатитис А, како и на други цревни заразни заболувања.

„Секако битно е и редовното чистење и одржување на тоалетите од страна на хигиеничарките/ите и редовна контрола на чистотата во тоалетите, како и преглед на исправноста на тоалетите и состојбата со тоалетна хартија, сапун и хартија за бришење на рацете.“, укажуваат од ИЈЗРСМ.

Според препораките на Светската здравствена организација, хигиената на рацете е најважната мерка за да се спречи преносот на бактерии. Тие треба да се мијат редовно, особено по секое одење во тоалет, со сапун и чиста вода.

Меѓутоа студентите велат дека тоа е невозможно во поголем дел од тоалетите во кампусот на УКИМ бидејќи ги нема потребните услови.

Радио МОФ