На денешната дискусија во гимназијата “Никола Карев“ беа изведени заклучоци во врска со образованието за климатски промени во формалното образование во земјава. На дискусијата учествуваа Мила Јовановска од „Гоу Грин“, Моника Накова, дипломиран електроинженер по електротехника и информациски технологии и Димитар Низамовски – претставник од МОФ.
Според Мија Јовановска, идните генерации мора да научат и да знаат како да ги ублажат и како да се адаптираат на последиците од климатските промени.
„Образованието за климатски промени во рана возраст е од исклучителна важност. Истото не е застапено во наставните програми и учебници и зависи од волјата, искуството и мотивацијата на наставникот. Потребно е одговорните институции да ги ревидираат наставните програми, да овозможи соодветен и ажуриран материјал за наствниците и учениците“, нагласила Јовановска.
Претставникот од Младинскиот образовен форум, Димитар Низамовски пак, смета дека во фокус треба да биде младинската проактивност.
„Од исклучителна важност е младите луѓе да се залагаат и застапуваат за квалитетни мерки и политики и да бидат препознаени и вклучени од страна на државните и образовните институции. Младите покажуваат особена иницијатива кога станува збор за ефектите предизвикани од климатските промени и енергетската ефикасност и одржливост и преземаат голем дел од товарот кој всушност ја засега целокупната македонска јавност. Овие напори мора да се признаат и уважат преку вклучување на младите во процесите на донесување одлуки“, истакнал тој.
Накова потенцирала дека состојбите на старите објекти како средните училишта, резултираат со ниска енергетска класа, голема потрошувачка на енергија и висок јаглероден отпечаток.
„За успешно намалување на емисиите на јаглерод и потрошувачката на енергија и воедно намалување на климатските промени потребно е класичните традиционални извори на енергија и снабдувања да ги замените со обновливи извори на енергија како фотоволтаичните системи и пронаоѓање на механизми за нивна подршка и инсталација како што се енергетските задруги“, додала Накова.
Целта на проектот е да создаде мрежа на средношколци кои активно учат и вршат јавен притисок врз надлежните институции за поголема застапеност на сончевата енергија и образованието за климатски промени. Во проектот беа вклучени средношколци од Скопје, Куманово, и Прилеп, кои своето заложување за образование за климатски промени и одржлив развој го покажаа и преку петицијата која ја потпишаа и ја промовираа помеѓу нивните врсници.
[Видео] Како да го пресметате јаглеродниот отпечаток на вашето училиште?