Во Србија по вакцини: Македонските граѓани побрзаа кон Белград, бизнисмените се вакцинираат во Ниш

Голем број македонски граѓани рано утрово се упатија кон соседна Србија, за да се вакцинираат против Ковид 19, откако добија термини за бесплатна вакцинација.

Тие ќе се вакцинираат со вакцините АстраЗенека, додека останатите вакцини српските институции ги чуваат за своите граѓани, кои имаат можност за ибор од повеќе вакцини. Вакцинацијата се организира на Саемот во Белград, каде според српските медиуми, допатуваа жители од повеќето соседни држави.

Истовремено, во тек е вакцинација на бизнис заедницата, во спортската сала „Чаир“ во Ниш, акција на Стопанската комора на Северна Македонија, организирана во соработка со Стопанската комора на Србија, а во рамките на Коморскиот инвестициски форум.

Како што објавија од Стопанската комора на РСМ, се вакцинираат вработени од Комората, како и вработени од компаниите членки на Комората чии работни места се од висок ризик од пандемијата.

„Благодарност до Министерството за внатрешни работи на РСМ за брзото постапување по барањето на Стопанската комора за пуштање на повеќе ленти за возила на ГП Табановце, со цел брз проток на патници, поради акцијата на Стопанската комора на Северна Македонија за имунизација од КОВИД 19 на претставниците од бизнис заедницата“, се наведува во соопштението на Комората.

Според последните најави, првата пратка од 24.000 вакцини на Астра Зенека преку Ковакс системот утре  треба да пристигне во Македонија. Досега земјава има добиено две донации од околу 8000 Фајзер вакцини од Србија, како и 3000 од руските вакцини Спутник. Овие вакцини беа наменети за здравствените работници.