ЕУ и „АстраЗенека“ го решија спорот околу недостатокот на вакцини

Европската Унија и шведската фармацевстка компанија „АстраЗенека“ го решија спорот кој се јави поради недостатокот на вакцините против коронавирусот во Европа, пренесува „Би-Би-Си“.

„АстраЗенека“ се согласи да достави 200 милиони дози од својата вакцина до крајот на март 2022, во договор потпишан со ЕУ. Договорот става крај на правниот процес во белгиските судови. Европската Унија неделава соопшти дека ревакцинирани се 70 отсто од возрасните лица во нејзината територија.

Претходно годинава, „АстраЗенека“ ја разгневи Европската Комисија со соопштението дека ќе може да испорача само дел од договорените вакцинални дози за првите три месеци од 2021 година.

Горчливиот спор ги засени првите недели од доставата на вакцините во земјите членки на ЕУ. Комисијата ја обвини компанијата за прекршување на договорот склучен во август 2020 година, додека пак од „АстраЗенека“ тврдеа дека договорот бара од нив „да се потрудат навремено да испорачаат милиони вакцинални дози“.

Вакцината од „АстраЗенека“ се соочи и со ограничување на годините за примање на вакцината во неколку европски земји поради ретки здравствени последици. Меѓутоа од Европската агенција за здравство објаснија дека бенефитите од вакцината се поголеми од ризиците.

Со денешната разврска, двете страни се договорија дека уште 60 милиони дози од вакцината ќе бидат испорачани до крајот на овој месец, а до крајот на декември ќе се испорачаат 75 милиони дози. Со третата испорака планирана за во март 2022 година, ќе бидат испорачани нови 65 милиони дози.