Во Скопје кривични пријави против 7 лица, а во Битола против 26 поради фрлање боја

Две кривични пријави против седуммина поднесе Единицата за насилен криминал при СВР Скопје, до Јавното обвинителство, поради сомневање за извршени две кривични дела „учество во толпа што ќе изврши кривично дело“. За П.Б. кривичната пријава се однесува за деновите 18 април и 30 мај 2016 година, додека лицата М.З., И.М., С.С.К., А.Г. и Н.П. сите од Скопје и А.К. од Охрид добија кривична поради „учество во толпа што ќе изврши кривично дело“ на 30 мај. СВР Битола, пак, поднесе кривична пријава против 26 пријавени лица од Битола, поради сомнение дека сториле четири кривични дела „оштетување туѓи предмети“.

Според податоците на МВР, првото кривично дело во Скопје е извршено за време на одржување протестите организирани од неформалното движење „Протестирам“, на 18 април, од 18 до 21 часот,  кога протестот се одвивал пред Министерството за култура на Република Македонија, објект кој, според полицијата, е значајно културно наследство. П.Б. тогаш употребил повеќе балони наполнети со боја врз Министерството и ја оштетил фасадата на зградата. За што, од Единицата за брзо распоредување била доставена видеоснимка.

На 30 мај, пак, за време на протестот пред Порта „Македонија“, објект кој, исто така, според полицијата е културен споменик, претходно пријавениот П.Б. и останатите шестмина направиле материјална штета од речиси 3000 евра, тврди МВР.

Едно од лицата кои добија кривична пријава е и возачот на комбето на Шарена револуција, кој пред неколку дена беше приведен во полициската станица „Пролет“ во Кисела вода. При претресот, полицијата извадила импровизирана направа – катапулт и две кеси со боја кои се користеле за боење на Порта Македонија”. По неколку часа распит, возачот и комбето беа ослободени, додека опремата беше одземена.

Во Битола, пак, пријавените во периодот од 17 април до 27 април, во четири наврати сториле кривично дело „оштетување туѓи предмети“ врз општинската зграда, која е евидентирана како историско наследство, соопшти МВР.

Пријавените одделно и во различни периоди делата ги извршувале на начин што со фрлање на тврди предмети, употреба на боја и јајца, ја оштетитиле предната фасада од зградата на Општина Битола, а во еден настан оштетена е фасадата на балконот и влезната врата од зградата, тврди МРВ. Предизвиканата материјална штета дополнително ќе биде утврдена со вештачење во натамошна постапка.