Во САД повеќе продадени плочи од ЦД-а во за првпат по 1987 година

Грамофонските плочи доживуваат кам-бек во музичкиот мејнстрим. Според Американската асоцијација за музичка индустрија (ААМИ) продажбата на плочи лани ја надминала продажбата на ЦД-а во САД за првпат по 1987 година.

Според нивните податоци лани биле продадени 41 милиони плочи, а само 33 милиони ЦД-а.

Продажбата на грамофонски плочи постојано се зголемува последниве 16 години, покажува извештајот на ААМИ и сега сочинува 71% од приходите од сите физички музички формати. Растот не е за занемарување – додека продажбата на сите видови физички музички формати се зголемила за 4%, продажбата на плочите се зголемила за 17%, додека продажбата на компактни дискови (ЦД) имала пад од 18% во 2022 година.

Пред речиси две години Британската фонографска индустрија соопшти дека во Велика Британија ќе бидат продадени повеќе грамофонски плочи од компактни дискови, а сличен раст на плочите има и во Германија, Јапонија и Јужна Кореја.

Постојат повеќе фактори поради кои расте продажбата на плочи. Многу аудиофили тврдат дека овој музички формат овозможува поавтентичен звук во споредба со дигиталните формати, а голем придонес има и носталгијата за оние кои живееле низ златното доба на грамофонските плочи.

И покрај импресивниот кам-бек на плочите, стримингот и понатаму останува неприкосновен во музичката индустрија. Од ААМИ соопштија дека стриминг сервисите како Спотифај и Епл Мјузик сочинувале дури 84 проценти од целосните музички приходи во 2022 година, или вкупно 13,3 милијарди долари, што претставува раст од 7% во споредба со претходната година.